Американската компанија „Спајс Екс“ синоќа по извесно одложување поради силен ветер, успешно ја лансира својата најголема ракета досега, а во орбитата околу Сонцето заедно со неа полета и црвен спортски автомобил „Тесла“.
Ракетата „Фалкон Хеви“ е лансирана од Вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида, од истата платформа која НАСА ја користеше во 1969 година за историскот проект Аполо 11, односно првата мисија на испраќање луѓе на Месечината.
Најсилната ракета треба да овозможи носење потешки предмети, како и поброен човечки екипаж на Месечината или на Марс.
Ракетата беше составена од четири дела. Главниот мотор, два додатни „бустери“ и еден дел што го носеше автомобилот на „Тесла“.
По лансирањето, додатните мотори се откачија од ракетата и се вратија на местото од каде што ракетата беше лансирана и безбедно слетаа.
Главната ракета слета безбедно во Атланскиот океан, додека делот што го носи автомобилот тргна на пат околу Сонцето.
Автомобилот ќе биде поставен на орбита која во елипса се протега од Сонцето до Марс. Музичкиот систем на автомобилот постојано ќе го репродуцира хитот на Дејвид Боуви „Спејс одити“.
Автомобилот ќе се оддалечи од Земјата на околу 400 милиони километри и ќе лета со брзина од 11 километри во секунда.
Маск информира дека ако се случат непредвидени работи, ракетата би требало да одлета од стартната платформа, а не да експлодира на место.
„Тука имаме експлозиван материјал кој е еквивелантен на помалку од два милиони килограми ТНТ. Ако тоа чудо експлодира, тука нема ништо да остане“, рече тој.







