Водостојот на реката Пена, Радика, Сатеска и Голема бележи намалување, додека критични се водостоите на Треска, Вардар, Боротинско Блато и Пчиња, информираат од УХМР.
На хидролошките станици високи водостои се уште се бележат на реките Вардар кај Јегуновце, Радуша, Скопје, реката Пена кај Тетово, Треска кај Македонски Брод, Радика кај Бошков Мост, Сатеска кај Ботун, Голема кај Ресен.
– Според најавата на синоптичарите за намалување на врнежите, очекувано е и намалување на притисокот врз реките со нови водни количини, и тоа прво во погорните делови од сливовите, а потоа и низводно, наведуваат во соопштението.
Врнежите и топењето на снегот придонесоа особени покачувања на водостоите во сливовите на реките Радика, Вардар(горен тек), Треска, Кичевска, Мала Река(Самоков), Црн Дрим, Сатеска, Коселска, Црна Река(горен тек).
ФОТО Галерија: Дел од Кејот под вода, во Вардар „пливаат“ шишиња
Во соопштението се наведува дека поради интензивните поројни дождови има локални поројни поплави во Тетовско, Кичевско и Охридско.
Во Кичевско од излевање на повеќето водотеци во овој регион поплавени се 122 куќи и над 500 хектари ораници и ливади.
Поплавен е и стадионот на фудбалскиот клуб Влазериме, кој е во близина на Зајашка Река, каде теренот е половина метар под вода.
Од општина Кичево информираа дека сите 30 загрозени семејства од поплавените куќи во Кичево се згрижени во спортската сала Иванидол, каде добиле храна, облека и хигиенски средства, како и здравствена заштита.
Во моментов механизацијата на ЈП Комуналец работи на теренот за што е можно побрзо да се повлече водата од поплавените подрачја.
Од СВР Тетово информираа за урнат потпорен ѕид врз покрив од куќа, повеќе поплавени подруми од куќи и згради како и повеќе излевања на речни текови што го отежнаа и некаде го прекинаа нормалното одвивање на сообраќајот, како последица на поројнниот дожд во тетовско-гостиварскиот регион.
На улицата „Прохор Пчињски“ над православните гробишта во Тетово како последица на дождот се лизнал и урнал потпорен ограден ѕид со висина од 5 до 6 метри и должина од 10 метри врз покривот од куќата на И.И.(71).
Од уривањето била нанесена поголема материјална штета, а немало повредени бидејќи луѓето од куќата претходно биле евакуирани и сместени кај нивни роднини.
Во 2 часот по полноќ било пријавено дека се излеала реката Лакашница над селото Србиново при што поплавени биле земјоделско обработливо земјиште како и една штала од која сопственикот од Србиново претходно го извадил добитокот на сигурно. Утрово водата се повлекла и од земјиштето и од шталата по што стоката била вратена назад.
Поплавени патишта и одрони
Како последица од надојдената вода, синоќа околу 21 часот се излеала Голема Река кај селото Долно Орашје при што бил прекинат сообраќајот на регионалниот пат Јегуновце – Радуша. Утрово околу 8 часот по интервенција на мештаните од селото со механизација патот бил расчистен од наносите на земја, кал и камења и сообраќајот нормализиран.
Околу 20.30 часот се излеала и реката Поника кај селото Доброште поради што сообраќајот на регионалниот пат Тетово – Јажинце се одвивал само по една коловозна лента бидејќи другата била со наноси од земја, кал и камења. Расчистувањето е во тек.
Околу 16 часот вчера било пријавено дека одрон од 2 до 3 кубни метри нанос го блокирал патот Велебрдо – Требиште. И тука со интервенција со механизација одронот од камења и земја бил отстранет и околу 20 часот сообраќајот бил нормализиран.
На патниот правец А2 Кичево – Охрид помеѓу с.Подвис и с.Попоец, сообраќајот е нормализиран, соопштија од ЈП „Македонијапат“.
На патниот правец Р – 1305 Кичево – Битола на 1-ви км. има излевање на вода на патот во должина 300 – 400 м. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
Сообраќајот на делницата Жировница-Дебар, која е дел од патниот правец Маврово-Дебар, во близина на селото Јанче, се одвива со потешкоти, поради големиот нанос од земја и дрвја од над 40 кубни метри земја и дрвја, донесен од надојдената вода од потоците.
УХМР: Во следните два дена суво време, нови врнежи од сабота
Во следните два дена ќе преовладува стабилно и суво време, во поголем дел од земјата со негативни утрински темпратури.
Како што соопшти УХМР, утринската температура ќе се движи од минус шест до 3 степени целзиусови, а дневната од три до 13 степени.
Во среда ќе има врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет и ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Во вторник темепарурата ќе биде во интервалот од минус шест до 12 степени, во средба од минус два до 13, во четврток утринска од еден степен и дневна до 15 степени целзиусови, а во петок од минус три до 14 степени
Нов влажен бран со пообилни врнежи се очекува во сабота. Температурата ќе биде меѓу два и 10 степени.