Голем број луѓе се повредени откако автомобил удрил во безбедносната ограда на Британскиот Парламент во центарот на Лондон, соопшти Скотланд Јард.
Полиција, амбулантни возила и пожарникари се на самото место на инцидентот што се случил во 7.30 часот по британско време.
Засега е познато само дека едно лице е уапсено.
Медиумите известуваат дека најголем број од повредените се велосипедисти, а полицијата истакнува дека најверојатно никој не е во животна опасност.
Во оваа фаза Скотланд Јард не може да каже дали инцидентот е поврзан со тероризмот.
Метро станицата Вестминстер е затворена, исто така и улиците околу Милбанк, Парламент сквер и Викторија Тауер гарденс.
Медиумите се оддалечени од самото место, а полицијата ги активира мерките предвидени за терористички акти. Парламентот во моментов не заседава.
На фотографии објавени на социјалните мрежи се гледа како полицајци изнесуваат едно лице со лисици од автомобилот.
На повредените им се пружа помош на самото мести пред Вестминстерската палата.
Еден од очевидците, за медиумите изјавил дека автомобилот со сребрена боја прво удрил во група велосипедисти, а потоа и во оградата пред Вестминстерската палата. Според него, ударот бил со намера.
Скотланд Јард подоцна соопшти дека е уапсено едно лице кое со автомобил удрило во оградата на Парламентот во 7.37 часот по локално време.
-Возачот на автомобилот е уапсен од полицијата на местото на настанот, а голем број пешаци се повредени, соопштија од полицијата.
Од другите детали што ги соопшто полицијата е тоа што автомобилот намал предна регистерска табличка.
Зградата на британскиот Парламент е опкружена со челични и бетонски заштитни огради.
Во Велика Британија минатата година беа извршени низа напад при што вкупно загинаа 36 лица, а 200 беа повредени. Одговорност за четири напади презеде Исламска држава.
Во нападот од март 2017 година, 52-годишниот Халид Масуд со автомобил усмрти четири пешаци на Вестминистерскиот мост, а потоа со нож избоде до смрт невооружен полицаец пред британскито Парламент. Напаѓачот беше застрелан од полицијата.





