Напаѓaчот кој уби девет луѓе во Минхен бил опседнат со масовни убиства и имал очигледна конекција со норвешкиот масовен убиец, Андерс Брејвик, објави германската полиција, пренесе BBC.
Полицијата кој го претресла домот на 18 годишниот напаѓач пронашла пишани материјали за нападите.
Убиецот кој подоцна се самоуби, имал 9мм Глок пиштол и 300 куршуми.
Полицијата истражува дали можеби тој ги намамил своите жртви преку Фејсбук покани во ресторанот, користејќи лажен профил на девојка која ги повикува да дојдат во Мек Доналдс.
Шефот на полицијата во Минхен, Хубертус Андрае изјави дека има „очигледна“ врска помеѓу новиот напад и петтата годишнина од нападите на Брејвик во Норвешка, кога тој уби 77 луѓе.
Според обвинителството, убиецот можеби посетувал и психијатриски третмани и имал депресија. „Колку што знаеме нема криминално досие. Во 2012-та и 2010-та самиот бил жртва на напад, во една прилика бил тепан од тројца млади деликвенти“, изјавија оттаму.
Полицијата објави дека напаѓачот бил Германец со Иранско потекло кој бил роден во Минхен, но неговото име се уште не е објавено. Иако имаше шпекулации дека се работи за терористички напад, според полицијата тој немал врски со Исламската држава (ИСИС).
Брејвик на 22 јули 2011-та година уби 77 луѓе, убивајќи осум со бомба во главниот град на Норвешка, Осло, за потоа на островот Утоја со оружје да убие уште 69 млади кои беа дојдени на летен камп за централно леви политички активисти.
Тој сега е во самица во затворот во Норвешка, откако беше осуден на 21 година затвор. Брејвик има радикално десни сфаќања и рече дека неговиот напад бил насочен кон спречување на муслиманската миграција во Европа.





