Новозеландската полиција го прошири обвинението против австралискиот екстремист Брентон Тарант (28), кој уби 50 луѓе во нападот на две џамии во Крајстчрч.
Тарант првично беше обвинет за убиство, но судијата истакна дека бројот на обвиненија ќе се зголеми. Тој сега е обвинет за 50 точки од обвиненијата за убиство и 39 обвиненија за обид за убиство, пренесува Хина.
Австралиецот првпат се појави на суд во саботата и при тоа не се изјасни за вината, ниту побара ослободување со кауција
На 15 март, Тарант изврши терористички напад во џамијата Ал Нор околу 13:30 по локално време, за време на попладневната муслиманска молитва. Со себе имал најмалку шест пушки. Тој потоа заминал до следната џамија во предградието Линвуд, каде што продолжил со масакрот.
Триесет и шест минути по првата дојава за нападот, Тарант е уапсен во возило каде што, според полицијата, имало импровизирани експлозивни направи.
Нападот, кој премиерката Џасинда Ардерн го опиша како терористички чин, е најголемото злосторство во мирнодопската историја на Нов Зеланд.




