Русија, Турција и Иран денеска во Астана постигнаа спогодба за троен механизам за следење и јакнење на примирјето во Сирија, јави турската државна агенција Анадолија.
Спогодбата е прв знак за напредок во текот на вториот ден на мировните преговори на сириската Влада и бунтовничките фракции во главниот град на Казахстан.
Тројниот механизам им дозволува на трите земји користејќи го своето влијание, веднаш да одговорат на кршењето на примирјето и да спречат судири.
Овој договор е само една точка од планираната заедничка резолуција која ќе биде објавена во текот на денот. Како што јави Анадолија, конечната верзија на текстот се усогласува.
Разговорите во главниот град на Казахстан, на кои присуствува и претставникот на ОН Стафан де Мистура, се водат под покровителство на Русија, Иран и Турција и се дел од најновите настојувања да се најде политичко решение за ставање крај на војната, во која досега според проценките загинале над 400.000 луѓе.
– Ова не е само документ, ова е прекин на непријателствата и спасување на животи. Не сме далеку од конечната објава, изјави де Мистура.
Тој рече дека преговорите ќе продолжат во Женева под покровителство на ОН.
Дипломатите велат дека сириската Влада се противи на користење на изразот прекин на огнот наместо прекин на непријателствата.
Меѓутоа, претставниците на сириските бунтовници, како што тврди нивниот портпарол Јахја ал Ариди, не планираат да потпишат никаков официјален документ со сириската Влада на мировните преговори.




