Секој свој сојузник НАТО е подготвен да го заштити од било каква закана без разлика од каде доаѓа, изјави денеска пред почетокот на средбата на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата, генералниот секретар Јенс Столтенберг.
– Сега се решителни моменти за Европа и светот, кога ситуацијата во Украина се влошува, Русија продолжува да не ги почитува меѓународните правила и да ги вооружува и обучува бунтовниците, а во Африка и на Блискиот исток се шири бруталноста, рече Столтенберг.
Тој надополни дека НАТО ќе ги прилагоди своите сили кон оваа променета ситуација, за да може да се справи со предизвици од секој правец.
– Ќе донесеме решение за зголемување на нашата борбена готовност, ќе ја определиме бројноста на силите за брзо реагирање, а очекувам да се усвои и одлука за оспособување на командни и контролни центри во шест држави на НАТО, а тоа се Бугарија, Романија, Полска, Литванија, Летонија и Естонија, додаде Столтенберг.
А токму како одговор на кризата во Украина, новата стратегија на НАТО предвидува формирање командни центри во Полска, Романија, Бугарија и трите балтички земји.
Столтенберг рече дека приоритет на Алијансата е да остане најсилен воен сојуз и покрај тврдењата на руски високи претставници дека Русија со посилен нуклеарен арсенал ќе има предност пред Западот.




