Доколку е потребно, НАТО ќе ја брани Турција од заканите на јужниот дел и ќе испрати трупи на Алијансата во земјата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– НАТО е подготвен и способен да ги брани своите сојузници вклучувајќи ја Турција од какви било закани. НАТО веќе одговори со подигнување на своите капацитети со наша подготвеност да распореди сили вклучително на југ, каде е и Турција, изјави Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
– Во Сирија веќе видовме вознемирувачка ескалација на руските воени активности. Ќе го процениме најновиот развој на случувањата и импликациите за безбедноста на Алијансата, порача тој.
Изјавата на Столтенберг доаѓа по упадите на два руски борбени авиони во турскиот воздушен простор во саботата и во неделата, по што упадот на Русија доаѓа како тест за способноста на Алијансата да ја одврати во последно време наметливата Русија.
Додека САД ја отфрлаат можноста за воена соработка со Русија во Сирија, министрите за одбрана на НАТО ќе разговараат за тоа како да ја поттикнат Русија да помогне во решавањето на кризата, сметајќи на тоа дека Москва исто така сака да избегне да биде заглавена во долг конфликт.
– Мора да постои политичко решение, порача Столтенберг.




