НАТО сојузниците планираат да испратат патролни авиони за зајакнување на воздушната одбрана на Турција на нејзината граница со Сирија, по соборувањето на рускиот бомбардер.
– Остануваме одлучни да продолжиме со дополнителни мерки за обезбедување поддршка од НАТО сојузниците и работиме на други видови на помош, се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата, при што се додава дека ситуацијата на границата на Турција со Сирија и Ирак е „крајно нестабилна“ и бара зајакнување на турската воздушна одбрана, преку тнр. „мерки за гарантирање на безбедноста“.
Земјите членки на НАТО се принудени да бараат нови начини на помош, откако пред неколку недели САД и Германија соопштија дека го повлекуваат своите единици од антиракетниот систем Патриот од Турција. Но, ненадејното вклучување на Русија во воената интервенција во Сирија ги поттикна НАТО членките да и понудат дополнителна помош на Турција.
Во изјава се наведува дека некои од мерките се испраќање повеќе воени бродови од членките на Алијансата во источниот Медитеран и повеќе НАТО авиони во турската база Инџирлик, како и дополнителни единици за антиракетна одбрана, како поддршка на шпанските кои засега се единствени во Турција, во рамките на Патриот.
Овие мерки, според генералниот секратр на НАТО Јенс Столтенберг, ќе бидат усвоени следните недели. Тој побара, во меѓувреме Турција и Русија да најдат решение за тензиите.




