Претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ Кире Наумов тврди дека образложението на власта дека парите од задолжувањето ќе се користат во наредините две до три години се лага.

Според неговите информации власта денеска со нова манипулација се обидува да направи дополнување на Ребалансот на Буџетот.

– Граѓаните треба да знаат дека се до денеска во ставката депозити во Ребалансот на Буџетот не е планирано да се пренесат средства за 2017 година, вели Наумов.

Според него Владата до Собрабнието денеска испратила дополнување на Ребалансот со што се зголемува нивото на задолжување. Според него, со вчерашното најново задолжување јавниот долг е зголемен за над 3 милијарди евра и од вчера тој е на ново историско ниво од речиси 5 милијарди евра. Или над 50 проценти од БДП.

Наумов уште еднаш укажа дека министерот за правда не смее да се крие и мора јавно да одговори дали Министерството за правда има издадено правно мислење за издавањето на последната еврообврзница.

Тој посочи дека СДСМ ќе ги искористи сите механизми да спречи непродуктивни трошења од најново задолжување. Според него доколку дојде до повторно формирање техничка влада, опозицијата, односно заменик министерот за финансии  ќе има поголем  увид во трошењето на парите и би можела да спречи нивна злоуптреба.

Според него власта со најновата еврообврзница од 450 милиони евра плус каматите намерата е Груевски да врши корупција во предизборниот период.