Во ситуација кога делта плус сојот само што нè затропал и на нашите порти, вчера е регистриран во хрватски Чаковец, претходно и во Грција и во други земји, епидемиолозите предупредуваат дека е неопходно да достигнеме праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто за да се спречи ширењето на вирусот. Но со ова темпо, кога само околу 700 граѓани дневно се вакцинираат со прва доза, за таа бројка да ја достигнеме, имунизација на најмалку две третини од населението, ќе нѝ требаат дури три години…
Речиси 40.000 граѓани во земјата се вакцинирале со трета доза за неполн месец – само завчера 2.293 граѓани по третпат се заштитиле од коронавирусот, додека трипати помалку, само 758 лица, решиле да примат прва доза, а 787 втора. Заклучно со 3 ноември, вкупно се вакцинирани 807.528 граѓани, а ревакцинирани се 778.482, со што опфатот со имунизација со две дози достигна 46 отсто кај полнолетните граѓани.
Во ситуација кога делта плус сојот само што нè затропал и на нашите порти, вчера е регистриран во хрватски Чаковец, претходно и во Грција и во други земји, епидемиолозите предупредуваат дека е неопходно да го достигнеме праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто за да се спречи ширењето на вирусот. А тоа би се постигнало доколку се вакцинираат и лицата под 18 години. Но со ова темпо, кога само околу 700 граѓани дневно се вакцинираат со прва доза, за таа бројка да ја достигнеме, имунизација на најмалку две третини од населението, ќе нѝ требаат дури три години…
Во поликлиниката Букурешт во Скопје, каде се вакцинира во две смени, појаснуваат кои граѓани најчесто доаѓаат за трета доза вакцина:
– За трета доза вакцина, генерално, се заинтереирани граѓаните кои се вакцинирале со кинески вакцини и оние кои немале никакви нус-појави откако се вакцинирале со две дози. Овие граѓани сметаат дека не се доволно заштитени од коронавирусот – дел од нив или воопшто немаат антитела, или дел од нив развиле антитела, но нивниот организам така реагирал по примените вакцини – без никакви симптоми…Ни доаѓаат за трета доза многу и од повозрасните граѓани со хронични заболувања – објаснува д-р Сања Цилевска Младеновска од оваа поликлиника.
Таа додава дека повеќето од помладите граѓани, најчесто на околу 30-годишна возраст, кои доаѓаат за прва доза, ја имаат прележано болеста и доаѓаат да се вакцинираат откако поминале пет-шест месеци.
Д-р Цилевска Младеновска потсетува кога треба да се даде третата доза вакцина, зависно од тоа кои се првите две примени вакцини:
– Оние граѓани кои примиле од кинеските вакцини, три месеци по втората доза може да дојдат и за трета доза, додека оние кои се вакцинирале со вакцините на Астра Зенека, Спутник и Фајзер, препораката е третата доза да ја примат по шест месеци. Инаку, за трета доза кај нас се користи исклучиво вакцината Фајзер, и за оние граѓани кои се заштитиле со руската Спутник. Важно е дека вакцините се безбедни и имунизацијата непречено се одвива – додава докторката.
Според досегашните искуства од практиката, лицата коишто примиле Синофарм вакцина – поради механизмот на дејство на оваа вакцина, кај повеќето од нив по шест месеци нивото на антитела било недетектабилно .
Главната сестра во поликлиниката, Силвана Миркоска, вели дека, освен големата навалица за трета доза, од пред некој ден се зголемува и бројот на граѓани кои се решиле да дојдат и да примат прва доза вакцина.
– Откако почнавме да вакцинираме и со трета доза, значително е зголемен интересот кај граѓаните. Иако најбројни се тие, последниве денови малку како да се зголемува интересот за прва доза вакцина, и тоа кај помладите. Работиме во две смени, има доволно екипи и доволно вакцини, коишто соодветно се чуваат. Еве ќе работиме и утре, сабота, како што известија од Министерството за здравство, се со цел да одговориме на потребите на граѓаните и зголемениот интерес за вакцинација – додава Миркоска.
Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера соопшти дека засилувачка доза на вакцини против ковид-19, изработени и произведени од „БајонТек“/„Фајзер“ и од „Модерна“, може да се аплицира на луѓе со ослабен имунитет, најмалку 28 дена по примање на втората доза.
Препораката е по анализите кои покажале дека т.н. бустер доза ја зголемува способноста за производство на антитела кај пациенти со трансплантирани органи и со ослабен имунолошки систем.
Агенцијата, исто така, нагласува дека Европејците на возраст од 18 до 55 години, со нормален имунолошки систем би требало да примат трета вакцина најмалку шест месеци по втората доза.
(Љ.Б.)