Дипломатскиот спор меѓу Турција од една и Германија и Холандија од друга страна, денеска се прошири и на социјалните мрежи, каде голем број профили на Твитер, меѓу кои и некои кои немаат никаква врска со овој спор се хакирани со пораки на турски јазик.
Хакерските напади, кои се во вид на политички вандализам со тагови #Nazialmanya или #Nacihollanda се извршени врз профили на директори на познати компании, медиуми, владини агенции и редовни корисници на популарната социјална мрежа, вклучувајќи го и претседателот на Европскиот парламент и францускиот политичар Ален Жупе.
На хакираните профили објавени се твитови со нацистички симболи, со низа хаштази и фрази „Се гледаме на 16. Април“, при шти очигледно се мисли на датумот на одржување на турскиот референдум за проширување на претседателските овластувања.
Портпаролот на Твитер изјави дека се свесни за проблемот кој утрово загрозил извесен број профили и дека брзо е лоциран изворот кој, како што се наведува, „бил ограничен на апликација од трета страна“.
-Веднаш ги укинавме сите негови дозволи, изјави портпаролот на Твитер за Ројтерс.
Хакирани се и профилите на британското Министерство за здравство и сервисот на Би Би Си за Северна Америка, кои набрзо проработеле, а нападнати се и сајтовите на Ројтерс за Јапонија, на германскиот весник Велст и на американскиот магазин Форбс, како и неколку невладини организации меѓу кои и Амнести интернешенал и УНИЦЕФ во САД.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги прекина дипломатските односи на високо ниво со Холандија и остро ги критикуваше граѓаните на оваа земја како „остатоци од нацизмот“ бидејќи холандската Влада минатиот викенд спречи туркси министри да им се обратат на Турците кои живеат во Холандија на собири по повод претстојниот референдум.






