Британскиот премиер Борис Џонсон напиша писмо до украинските деца, нагласувајќи дека тие се пример за другите и оти „Велика Британија никогаш нема да ги заборави“.

Тој напиша дека да не била таквата ситуација, тие сега би излегувале со пријателите после училиште, би играле фудбал и би уживале во безгрижниот живот.

„Но, ова е посебна година за вас“, наведе Џонсон.

Во писмото го споменува неговото патување во април во Киев, каде што се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски кога тој пофали „одлучното лидерство и големото херојство“ на украинскиот претседател.

Тој им порача на децата на Украина дека треба „да бидат неизмерно горди на својата земја, нивните родители, нивните семејства и нивните војници, а најмногу на самите себе“.

„Многу од вас виделе или доживеале нешто на кое ниедно дете не смее да сведочи. Сепак, секојдневно не учите што значи да се биде силен и достоинствен, да се држи главата високо и во најтешките моменти. Не можам да се сетам на подобар пример за децата и возрасните“, напиша британскиот премиер.

Според УНИЦЕФ, од Украина досега избегале два милиона деца, од кои повеќе од пола пристигнале во Полска.

„Не сте сами. Можеби сте одвоени од вашите пријатели дома, но имате милиони други ширум светот. Овде во Обединетото Кралство имаме украински знамиња на нашите домови, канцеларии, цркви, продавници и игралишта. Дури и на мојот кров во Даунинг стрит, каде што прозорците се полни со сончогледи нацртани од британски деца“, напиша Џонсон.

„Нашите млади луѓе го цртаат вашето знаме во училниците и прават сини и жолти нараквици за поддршка на вашата земја. Верувам, како и вашиот претседател, дека Украина ќе победи во оваа војна. Се надевам дека еден ден наскоро ќе можете слободно да се вратите дома, во своите училишта, кај своите семејства“, додаде тој.

„И што и да се случи, без разлика колку време е потребно, ние во Обединетото Кралство никогаш нема да ве заборавиме и секогаш со гордост ќе ве нарекуваме наши пријатели“, заклучи британскиот премиер во писмото.