Кандидатот за премиерската функција во Косово, Рамуш Харадинај изјави дека еден од најголемите предизвици за новата косовска Влада е дијалогот со Србија.
Според него само доколку лидерите од Белград го признаат Косово може да седнат на преговарачка маса за односите меѓу двете земји.
– Ние сме независна држава, имаме свој Устав и немаме право да го ставаме под прашање постоењето на нашата земја. Дијалогот за взаемно признавање, взаемни односи е можен, но нема да има дијалог за внатрешни прашања на Косово, вели Харадинај.
А тој пак, се соочува со неизвесност и Албин Курти би можел да биде идниот премиер на Косово ако Харадинај и покрај тоа што победи, не успее да формира власт.
Најмногу гласови освои коалицијата на поранешните команданти на ОВК – Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, но не и доволно за мнозинство во Парламентот и самостојно формирање влада.
За да обезбеди мнозинство, Владата на Харадинај би морала да добие поддршка од пратениците од малцинските заедници.
Коалицијата со кандидатот за премиер Рамуш Харадинај освои 35 отсто од гласовите, а Самоопределување на Курти е на второто место со 26,7 отсто од гласовите и би можела за партнер да ја привлече коалицијата околу Демократскиот сојуз на Косово на доскорашниот премиер Иса Мустафа, која освои 25,9 отсто од гласовите.




