„Катар има централна улога во нашата стратегија“, нагласи германскиот канцелар, Олаф Шолц на вчерашната прес-конференција со неговиот висок гостин од арапската земја. Шолц со тоа мислеше на намерата на Германија да изгради повеќе терминали за достава на течен гас и на тој начин, за некоја година, да се ослободи од потребата да го увезува енергенсот од Русија, пишува „Дојче веле“.

Улогата на спасител на Германија му се допадна на шеикот Тамим бин Хамаб бин Калифа ал Тани, човекот кој е официјален емир на Катар.

Голема е листата со критики на негова сметка – од шурување со Муслиманското братство до газењето на човековите права и правата на работниците во Катар, што особено се под лупа во пресрет на Светското фудбалско првенство што земјата ќе го организира при крајот на годината.

Но, Катар треба да ја спаси Германија од зависноста од руски гас кој покрива повеќе од пола од моментните германски потреби.

Можеби и за две години 

Енергетскиот пакт потпишан во Берлин подразбира масовни испораки на течен гас од грејната сезона 2026/27. Шеикот, додуша, нагласи дека „Катар ќе стори се“ и дотогаш „да направи што може“ за „енергетска безбедност на Европа“.

Неговиот вицепремиер за весникот „Ханделсблат“ рече: „До 2024 година сакаме да ја прошириме нашата американска постројка „Глоден Пас“ во Тексас во која „Катар енерџис“ има 70 отсто сопственост, па така можеме да испорачуваме и во Германија“.

Катар очекува дека најдоцна до 2026 година ќе го зголеми годишното производство на течен гас од 77 на 126 милиони тони, што во тој случај би било доволно за снабдување на Германија со сериозни количини. Најголеми надежи се полагаат во гасното поле „Норт Дом“ што Катар го дели со Иран.

Партнерството со земјата позната по злоупотреба на странските работници и кршење на нивните права, сепак, наиде на критики во германската јавност. Во Катар има 300.000 жители и десеткратно повеќе странци. Стотина лица ги загубија животите на градилиштата на модерните стадиони на кој ќе се игра фудбалскиот Мундијал во ноември и во декември.

Покрај тоа, Емирот се обвинува за блиски односи со исламистите и оти Катар би можел да се најде на мета на блокади од Саудиска Арабија и други околни држави.

Коментаторот на весникот „Велт“, Жак Шустер вели дека најубаво би било кога целиот гас би стигнувал од демократска Норвешка, но тоа е невозможно.

„Па, затоа мора да се послужиме злосторнички држави на овој свет. Некако мора да се грееме“, нагласи Шустер.