Извесен број американски дипломати подготвиле меморандум во кој ја критикуваат забраната за влез во САД за државјани на седум претежно муслимански земји која американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ја потпиша.
Дипломатите во пораката до Стејт департментот наведуваат дека оваа забрана нема да ги направат САД побезбедни туку дека таа се коси со американските вредности и дека ќе ги разгори антиамериканските ставови ширум светот, пренесува АП.
Исто така, се наведува дека таа забрана нема да доведе до намалување на терористичките напади во САД туку, наместо тоа „ќе доведе до намалување на добрата волја кон Американците“.
Неименувани американски претставници велат дека овој меморандум го потпишале неколку стотини дипломати и дека се очекува тој подоцна денеска да биде и доставен.
Со ваков вид преписка американските дипломати интерно изразуваат несогласување во врска со политиката на САД, пренесуваат американските агенции.
Ројтерс, повикувајќи се на неименувани американски претставници, објавува дека амбасадите на САД во другите земји го информирале американскиот СТејт Департмент за гневот и вознемиреноста поради спорната извршна уредба на Трамп.




