Серија расистички напади предизвикуваат нелагодност во Италија. Веста дека била нападната млада италијанска атлетичарка чии родители се од Нигерија, донесе лавина од реакции и италијанските медиуми открија дека во изминатите две недели се случиле повеќе слични а некаде и трагични напади врз луѓето кои немаат бела боја на кожата.
Дејзи Осакуе, атлетичарка од 22 години, била нападната во Торино од автомобил од кој врз неа е фрлено јајце што и го повредило окото. Повредата е сериозна и таа нема да може да учествува на европскиот шампионат идната недела во Берлин. Таа е една од најталентираните атлетичари во Италија а таа одамна е цел на вербални напади.

Во ноќта помеѓу саботата и недела во мал град блиску до Рим животот го загуби Мароканец од 43 години. Повеќе лица го обвиниле дека е крадец, го бркале со автомобил и потоа го тепале. Човекот почина во болница.
Во Палермо Сенегалец од 19 години бил физички нападнат од група луѓе кои врескале дека тој е “валкан црнец”.
На ова реагираше министерот за внатрешни работи Матео Салвини, од екстремно десната партија Северна Лига, кој дојде да ја посети атлетичарката во болница и изјави дека секој напад ќе биде казнет и осуден и дека тој секогаш ќе биде на страната на тие што биле нападнати, пренесува агенцијата АФП.
Салвини тврди дека во Италија нема расизам и очигледно нема намера да ја смири тензијата во Италија:
– Да потсетам дека околу 700 престапи од страна на мигрантите се вршат секој ден во Италија а тоа значи речиси една третина и тоа е единствената итна работа со која се борам како министер, вели тој.
Повиците за толеранција доаѓаат од опозицијата и Обединетите Нации. Претседателот на државата Серџо Матарела ги осудува нападите и вели дека “Италија не може да стане див запад во кој еден дел од населението купува пушка и пука од балконот ранувајќи девојче од една година и го уништува нејзиното здравје и иднина”, рече тој потсетувајќи на нападот врз едно девојче Ромка која била на улица со мајка и.
И католичката Црква реагираше на антимигрантскиот говор на Салвини.

Наместо да се повлече, Салвини, во провокаторски стил, на Твитер напиша “Многу непријатели, многу чест” и додаде емотикон во форма на бакнеж.
Ова е блиска варијанта на слоганот на фашистичкиот лидер на Италија Бенито Мусолини, добро позната во Италија. На италијански Салвини напиша “Tanti nemici, tanto onore” што е речиси идентично со слоганот на Мусолини кој велел “Molti nemici, molto onore”.




