Русија смета дека е неопходно да почнат разговори за начин на кој ќе се спречи Трета светска војна, а не дали ќе почне, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Дали е можна Трета светска војна, дали е, можеби, веќе почната и каков облик ќе има. Сите тие се теми на кои многумина разговараат, но многу подобро би било да разговараме како да ја спречиме“, порача Захарова на прес-конференција во Москва, пренесува агенцијата ТАСС.

Таа истакна оти Москва со години укажува дека меѓународните закони и Обединетите Нации треба да бидат „безбедносна брана“ против Трета светска војна.

„Откако по Втората светска војна се формирани како гаранција дека нема да дојде до Трета, тие, на овој или оној начин, ја извршуваа таа задача“, нагласи Захарова.

Според неа, Русија веќе три-четири години воочува желба на целокупниот Запад да ги укине меѓународните закони и да наметне владеење што ќе биде засновано на нивните правила.

„Тоа е крајно опасно, бидејќи подразбира диктатура на една група на земји кои на тој начин се закануваат да ја нарушат рамнотежата во светот и на други држави да им оневозможат да работат на своите интереси. Секоја земја има право на суверена надворешна и внатрешна политика, на одбрана на сопствените интереси, на развој на својата економија и на заштита на човековите права“, рече Захарова.

Се обидовме, додаде таа, на секој начин да ја предупредиме меѓународната заедница за тоа и да укажеме дека не е можен диктат на една групација, бидејќи тоа ќе има погубни последици.