Маскирани хулигани се судриле со полицијата во центарот на Цирих, при тоа палејќи автомобили, кантите за отпадоци, дрвја, соопшти швајцарската полиција.
Полицијата употребила гумени куршуми, солзавец и водени топови за да ја растера групата од околу 200 лица, кои со маски на лицата и наоружани со метални шипки, фрлале камења и проектили на полицајците, пренесува АФП.
Во нередите доцна синоќа, зад кои, според полицијата, стои радикалната левица, направена е материјална штета која се проценува на неколку стотици илјади евра.
Групата која се собрала околу 22 часот, фрлала камења на полицијата, запалила едно полициско возило и украла полициска опрема, се вели во соопштението на полицијата.
Хулиганите палеле дрвја, автомбили и канти за отпадоци, ги искршиле излозите на продавниците како и еден прозор на преполн ресторан, а престрашените гости избегале во подрумот на задниот дел на тој објект.
Полицијата успеала да полноќ да воспостави ред. Четворица мажи од кои двајца Швајцарци, како и државјани на Велика Британија и Лихтенштајн се уапсени под сомнение дека учествувале во нередите.




