Неколку граѓански организации,што се дел од Блу принт групата на организации фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавно обвинителство и бараат Владата да го повлече Предлог-законот, да го врати на доработка во Министерството за правда со фокус на одредбите што се однесуваат на натамошниот статус и работа на СЈО.
Во соопштението потпишано од Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институт за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Центар за правни истражувања и анализи, Институт за европска политика и Фондација Отворено општество – Македонија, со овој закон се уредува натамошното постоење, функционирање и надлежност на сегашното Специјално јавно обвинителство без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со работењето на СЈО, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите.
-Како граѓански организации реагираме на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше Законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност, а што директно влијае на создавање недоверба во натамошното функционирање на СЈО. Гледано во целина, не беше обезбедено учество на граѓанските организации во работната група која ги подготвуваше измените на законите од кривично правната област. Дополнително, верзијата од Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, која беше усвоена од Владата, се разликува од верзијата на работната група, а која ни беше презентирана преку Советот за следење на реформите во правосудството. Како граѓански организации кои учествуваат во работата на Советот, сметаме дека на овој начин, непостапувајќи по препораките кои ги дава Советот, неговата улога ќе биде сфатена како декор и нема да ја врши својата главна мисија на дејствување – контрола на процесот на спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството 2017 – 2022 година, стои во реакцијата.
Според нив, последно, но многу важно, Законот беше усвоен од Владата, без да биде објавен на ЕНЕР и истиот се носи во скратена постапка, што значи ја исклучува можноста за партиципативност на заинтересираните страни, влијае на квалитетот на Законот и придонесува во нетранспарентен процес да се креираат политиките.
-Ја користиме оваа прилика да укажеме дека понуденото решение за понатамошното постоење, функционирање и надлежност на СЈО е спротивно на целите поради кои беше воопшто основано ова обвинителство, а тоа се борбата против високата корупција и организирана и системска злоупотреба на државата и државните ресурси за остварување на приватни интереси и имотна корист ( т.н. „заробена држава“). Ограничувањето на можноста т.н. „бомби“, аудио материјалите да се користат како доказ, го наметнува прашањето пред се: која е суштината на постоењето на СЈО, ако „бомбите“ не може да се користат како доказ, се наведува во соопштението
Според оценката на невладините организации, ваквото решение за бомбите наметнува неколку дилеми: Дали може со закон да се ограничи користењето на одреден вид докази за кои домашната пракса и праксата на Европскиот суд за човекови права имаат утврдено дека целта заради која биле прибавени ваквите докази ја оправдува нивната употреба (националните судови во предметите „Шпион“, „Бебиситерка“ и пресуди на ЕСЧП ), дали законодавецот може да му наложи на судот во веќе започнатите постапки да не ги цени одредени веќе прифатени докази н.з. „бомбите“) и дали тоа не претставува директно мешање во независноста на судството и ограничување на принципот на слободна судиска оценка на доказите.
Дел од дилемите е, се посочува, дали во суштина има преклопување на надлежностите на веќе постоечкото одделение за гонење на организиран криминал со новопредложеното обвинителство кое треба да го замени СЈО, бидејќи, посочуваат во предложеното законско решение воопшто не е јасно прецизирано разграничувањето на нивните надлежности и воедно, не е прецизирано што значи „именуван функционер“. Спорно, е сметаат, и тоа дали со постоечкото законско решение ќе се доведе во прашање автономијата и функционалноста на СЈО, како и оправданоста на неговото постоење од аспект на изградени капацитети, човечки и материјални ресурси, ако истото се претопи во јавното обвинителство.
-Поради сите горенаведени причини, граѓанските организации бараат Владата на Република Северна Македонија, да го повлече Предлог-законот за Јавното обвинителство и да го врати до надлежното министерство, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе доработи Законот, земајќи ги предвид препораките, се наведува во соопштението од групата невладини организации кои ги следат правосудните реформи.
Во меѓувреме, и покрај најавите по средбата меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека работни групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ од 11 март интензивно ќе работат на новиот предлог-закон за јавно обвинителство со кој се предвидува интегрирање на Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство, тие сé уште не се формирани.
Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес конференција рече дека координацијата се води на ниво на партии и упати за повеќе информации кон СДСМ и кон ВМРО-ДПМНЕ.
Министерката за правда Дескоска неодамна изјави дека донесувањето на законот за јавното обвинителство ќе биде еден од клучните моменти кои ќе бидат пресудни во одлуката за отворање преговори, имајќи ги предвид препораките од меѓународната заедница, особено од Европската Унија.




