Новиот министер за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, денес во Пекинг направи незгодна грешка со тоа што својата сопруга ја претстави како «Јапонка» иако таа доаѓа од Кина.
«Жена ми е Јапонка», рече Хант при средбата со својот кинески колега Ванг Ји а сето тоа во присуство на новинарите.
Веднаш по овие зборови тој се поправи:
«Жена ми е Кинезинка – ах ваква страшна грешка не смее да се направи», додаде тој.
Неговата изјава предизвика широки насмевки кај неговите кинески домаќини иако тие би можеле и лошо да ја разберат.
Имено, Јапонија и Кина имаат комплицирани односи. Кинезите им забележуваат на јапонските соседи дека не ги признале злосторствата направени во Кина од страна на јапонскиот окупатор за време на Втората светска војна.
Хант беше именуван за шеф на дипломатијата откако неговиот претходник Борис Џонсон даде оставка. Тој одбра да ја посети Кина како прва дестинација откако беше именуван за министер во надеж дека ќе ги зајакне трговските односи помеѓу двете земји.
«Мојот однос со Кина датира одамна», изјави тој и се присети дека за 19 години за прв пат патувал во Кина. И се довери дека неговата сопруга е Кинезинка а неговите две деца се половина Кинези и дека тој има силна семејни врски во Кина.
«Мојата надеж е дека ќе успееме да го продлабочиме пријателството помеѓу Кина и Велика Британија што значи дека ќе треба да зборуваме и на теми за кои имаме различни ставови», рече Хант.




