Српскиот претседател Томислав Николиќ смета дека одговорноста за решавање на бегалската криза лежи во Европската унија, која вели тој, топката ја префла на Србија, што за него е неморален чин и неприроден.
– Ако некој во Европа размислува сериозно за сигурноста и безбедноста, но и за опстанок на континентот, време е конечно да кажат што ќе се случува, изјави Николиќ, пренесува Танјуг.
Според него, тоа што Унгарија употребила солзавец врз бегалците, на српска територија, може само да ги влоши односите меѓу двете земји.
– Без оглед на тоа што не се наши граѓани, тие се наоѓаат на наша територија, порача тој.
Тој вели српскиот народ не бил себичен и ќе издржи колку што може во оваа криза.
– Се додека има за нас, ќе има и за мигрантите кои се приморани да го поминат времето во Србија наместо таму каде што планираа, вели српскиот претседател.
Тој порачува дека е апсурдно што стандардите за хуманиот третман ги почитува една земја што не е членка на Унијата, а земјите кои не ги почитуваат меѓународните стандарди и вредности, не добиле ниту укор од Брисел.
– Некои од нашите соседи се вооружуваат против луѓето кои ја напуштаат својата земја поради војните, изјави Николиќ.




