Односите меѓу Грција и Македонија се подобрија во изминатите неколку месеци и има добра волја на двете страни за изнаоѓање решение за прашањето за името, изјави медијаторот на ОН Метју Нимиц во интервју за Независната Балканска новинска агенција – ИБНА.

Тој се надева дека разговорите за решавање на прашањето за името може да се забрзаат кон крајот на годинава, по изборите во двете земји.

– Двете земји дадоа збор дека се заинтересирани тоа да се направи. Односите се подобрија во последните месеци и очекувам поголема активност, изјави Нимиц.

Нимиц најави дека ќе има нови предлози, но како што рече, во вистинското време.

Според него сега не е добро време, бидејќи во двете земји претстојат избори, но очекува поактивен ангажман по нивното завршување.

Нимиц е убеден дека можат да бидат надминати „црвените линии“ што ги поставија Атина и Скопје.

– Да, постојат позиции на двете земји, можете да ги нарекувате црвени линии или сини линии, има и некои многу важни прашања за двете земји, но мислам дека тие можат да надминат и да се дојде до помирување, изјави Нимиц.

Според него, прашањето за името требало да се реши пред многу години, но за жал тоа не се случи. Нерешавањето на ова прашање сигурно влијае на стабилноста на регионот и затоа е важно да се реши. Затворањето на проблемот сигурно ќе придонесе за долгорочна стабилност и пријателство во регионот, смета Метју Нимиц.