Меѓународниот суд на правдата ги отфрли и тужбата на Хрватска и противтужбата на Србија за извршен геноцид на хрватска територија во периодот од 1991 до 1995 година.
Според претседателот на судот, Петр Томка, ни Хрватска ни Србија не успеале да докажат дека другата страна извршила геноцид, па така одбиени се и барањата за отштета.
Во образложувањето на одлуката, Томка навел дека имало намери за насилно иселување на двете групи во делови на хрватската територија, но дека крајната цел не била физичко уништување, за да се оквалификува како геноцид.
Според судот, ЈНА и српските сили извршиле повеќе дела против заштитените групи, но со намера „воено да ги казнат“ или иселат.
Што се однесува до српската противтужба, Томка навел дека дури и да се докаже дека постоела намера кај хрватските лидери да се избрка српското население од територијата на Хрватска, нема докази дека целта била физичко уништување на населението.
Пресудата на МСП е конечна и обврзувачка за сите членки на ОН и државите имаат обврска да постапат според неа и да не се жалат на истата.
Пресудата за тужбата и противтужбата на Хрватска и Србија била донесена од страна на вкупно 17 судии, 15 постојани судии и двајца ад хок судии од Србија и Хрватска.
За отфрлување на хрватската тужба гласале 15 судии, а одлуката за отфрлувањето на противтужбата била донесена едногласно.




