Унгарскиот Парламент денеска не го прифати амандманот на Уставот што го предложи премиерот Виктор Орбан против бегалските квоти, односно амандманот со кој на бегалците ќе им беше забрането да се населат во Унгарија, пренесуваат агенциите.
Како што се наведува, Орбан не ги добил неопходните две третини од гласовите во Парламентот, односно за прифаќањето на амандманот недостатсувале само два гласа.
Орбан постојано истакнуваше дека одобрувањето на амандманот е неопходно за да се потврди резултатот на референдумот за бегалските квоти, одржан на 2 октомври, на кој над три милиони Унгарци гласаа против бегалските квоти на ЕУ, но тој беше неууспешен, бидејќи излезноста беше под 50 проценти.
Инаку ова е првпат од 2010 година, унгарскиот Парламент да гласа против некоја одлука на премиерот, а аналитичарите оценуваат дека со ваквата одлука на Парламентот, Орбан се става во тешка позиција бидејќи ќе мора да им објасни на гласачите заошто не е способен да „постигне нешто“.
ЕУ минатата година усвои одлука за обврзувачки квоти за прифаќање на мигрантите.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан повеќе пати изјави дека одлуката е „нелегална, неразумна и не фер“ и дека Брисел ги преминал своите овластувања со одобрувањето на ваквата распределба и покрај противењето на земјите, главно од источна Европа.




