Рускиот Парламент на пат е да усвои контроверзен закон според кој семејното насилство нема да биде кривично, туку прекршочно дело. Законот денеска влезе во прво читање на Долниот дом, при што за него гласаа 368 пратеници, еден бил против и еден воздржан.
Според предложениот закон , обвинението за „насилство во семејството“ кое во моментов се води како кривично дело ќе стане прекршочно за кое казната ќе биде помала отколку сега. Прекршителот ќе биде парично казнет, со општокорисна работа или со краток престој во затвор.
Насилството во семејството сепак ќе може да биде окарактеризирано како кривично дело, но само доколку се повтори два или повеќе пати во текот на една година.
Конзервативната политичарка Јелена Мизулина вели дека во Русија „односите меѓу родителите и децата се засновани на авторитет на родителската моќ“.
-Законите треба да ја поддржат семејната традиција, изјави Мизулина, која претходно го протурка и законот против „геј пропаганда“.
Русија и претходно веќе ги декриминализира физичките напади кои не доведуваат до тешки телесни повреди.
Веќе е покрената петиција против ваквиот закон, која ја потпишале 174.000 луѓе.
-Секои 12 минути во Русија некој претепува член на своето семејство, вели Алена Попова, која ја покрена петицијата.




