Владата на САД од полноќ е блокирана, откако Горниот дом на американскиот Конгрес навремено не изгласа привремено финансирање. Се очекува тоа да биде направено денеска.
Републиканскиот сенатор Ренд Пол го одолговлекуваше гласањето поради потенцијално поголемиот дефицит во случај на усвојување на финансирањето на Владата.
Сенатот сепак на крајот доцна во ноќта го усвои нацрт-буџетот со 78 гласови за и 21 против, надминувајќи го со тоа противењето на републиканските фискални конзервативци, меѓу нив и Ранд Пол, кои тврдат дека новиот предлог-буџет претставува враќање кон неконтролираното трошење и создавање на голем јавен дефицит, како во времето на администрацијата на претседателот Барак Обама.
Сега е потребно за предлог-буџетот да гласа уште и Претставничкиот дом на Конгресот. Гласањето е закажано за раните утрински часови. Дури потоа претседателот Доналд Трамп може да го потпише законот.
Лидерите на републиканците и на демократите во Сенатот претходно постигнаа компромис за буџетот. Гласањето во Сенатот всушност важеше за сигурно. Во Претставничкиот дом гласањето важи за не толку сигурно бидејќи отпор против компромисното решение има како во редовите на републиканците, така и на демократите.
Компромисот предвидува, како прв чекор да биде усвоен шестнеделен преоден буџет. Со тоа треба да се обезбеди време во закон да се формулира договорот за двегодишниот буџет и тој да биде усвоен во двата дома на Конгресот.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс изрази надеж дека блокадата ќе трае кусо.




