Северна Кореја денеска лансираше нова балистичка ракета, која летала околу 500 километри и се проценува дека паднала во близина на источниот брег на земјата.

Во соопштението се истакнува дека Северна Кореја „попладне лансирала неидентификуван проектил од Пукчанг, во провинцијата Јужен Пјонгјанг“.

Здружениот стручен штаб на оружените сили на Јужна Кореја и САД спроведува детална анализа на лансирањето.

Претседателот на Јужна Кореја Мун Џе Ин одржа седница на советот за национална безбедност за да се дискутира за лансирањето, соопшти Кабинетот на претседателот.

Ова ново тестирање ракета, доаѓа само една недела откако Северна Кореја успешно тестираше балистичка ракета со среден дострел „хвасонг-12“, а аналитичарите тврдат дека нејзиниот мотор има досега најголем дострел.

Тоа беше десетто лансирање ракета годинава, по десетината тестирања и двете нуклеарни проби  во 2016. Северна Кореја забрзано работи на развој на интерконтинентална балистичка ракета способна нуклеарна боева глава да однесе до САД.

Белата куќа потврди дека Северна Кореја лансирала ракета со среден дострел и покрај заканите со кои се соочува земјата за потешки санкции од САД.