Телото кое го претставува исламот во египетската власт Дар ал-Ифта предупреди во вторникот дека објавувањето на нова карикатура на пророкот Мухамед на насловната страница на “Шарли Ебдо” e провокација за муслиманскиот свет.
“Оваа акција е неоправдана провокација за чувствата на 1,5 милијарди муслимани во светот”, рече Дар ал-Ифта преку соопштение.
Насловната страница на “Шарли Ебдо” која треба да биде објавена утре го претставува Мухамед, со солза на окото, кој носи натпис “Je suis Charlie” како и милионите луѓе кои протестираа во Франција во одбрана на слободата на изразувањето по атентатите кои однесоа 17 животи минатата среда. Над карикатурата стои насловот “Се е простено”.
Во сопштението на Дар ал-Ифта се вели исто така дека “ова издание ќе донесе нов бран на омраза во француското и западните општества, а весникот не им прави услуг на соживотот и културниот дијалог кон кој тежнеат муслиманите”.
Ибрахим Негм, советникот на муфтијата во Франција и човекот кој раководи со Дар ал-Ифта изјави дека неговата институција ги осудува нападите врз весникот.
“Ги повикуваме сите муслимани да не учествуваат во насилствата”, рече тој додавајќи дека институцијата не го оправдува насилството и ја почитува слободата на изразувањето но и дека “другата страна треба да разбере дека ние го сакаме Мухамед”.




