Српскиот Парламент денес ја именуваше Ана Брнабиќ за премиерка на Србија. Истовремено Србија денес доби нова влада со 18 министерства и тројца министри без ресор. За новата влада гласаа 157 пратеници, 55 беа против, а воздржани немаше.

Ана Брнабиќ ги повика пратениците да работат заедно со неа за подобар живот за сите граѓани и вети дека ќе работи чесно:

„Дигитализацијата, образованието и економскиот развој ќе бидат клучните приоритети на новата влада“, кажа Брнабиќ која истакна и дека ова е влада на континуитет и дека има добра основа која ја постави претходната предводена од Александар Вучиќ.

Ана Брнабиќ не крие дека е лезбејка па така нејзиното именување е вистинска премиера на балканските простори. Западните агенции оваа одлука ја карактеризираат како “историска”.

Нејзиното именување во западните земји се смета за гест за шармирање на ЕУ. Сепак, западните агенции бележат дека владата на Брнабиќ не е многу различна од таа на Вучиќ бидејќи неколку министерства им се дадени на про-руски министри како министерот за одбрана Александар Вулин.

Новата влада е петта по ред од 1990 година, кога во Србија беше воведен повеќепартиски систем.