Еколошки активисти и граѓани и денеска ги блокираат патиштата на неколку локации во Србија, барајќи забрана за ископ на литиум.

Блокиран е меѓународниот автопат во Белград кај Сава центарот и мостот Газела. Блокади се најавени и во Лозница, во западна Србија, каде што е блокиран граничниот премин Трбушница со Босна и Херцеговина и на неколку други локации во Србија.

Активистите и граѓаните кои се противат на експлоатацијата на литиумот сметаат дека производството на таа руда би ја загрозило животната средина.

На блокади повикаа еколошките организации, а им се приклучија и некои опозициски партии, како иницијативата „Да не го давиме Белград“.

Како што е наведено, барањата се да биде објавено сето она што е потпишано со мултинационалната компанија за ископ на литиум Рио Тинто, како и Владата да ја укине уредбата за просторниот план со кој се предвидува изградба на проектот „Јадар“.

Проектот „Јадар“ за експлоатација на литиум од минералот јадарит е планиран во долината на реката Јадар, кај Лозница во западна Србија.

Претставници на неколку еколошки здруженија на 12 јануари ги поднесоа барањата до Владата на Србија.

Златко Кокановиќ од Здружението „Не го даваме Јадар“ тогаш нагласи дека не е важно само да се отстрани Рио Тинто.

„Бараме да нема рудници за литиум и да се воведе трајна забрана за литиум и слични минерали во долината Јадар и на други места во Србија“, рече тој.

Два дена подоцна, на 14 јануари, претставници на еколошките здруженија ѝ предадоа на Владата на Србија 290.000 потписи од онлајн петицијата насловена „Рио Тинто, марш од Дрина“.

Претставникот на ова движење Саво Манојловиќ побара покрај укинување на Просторниот план за проектот „Јадар“ и воведување мораториум за експлоатација на литиум и бор во траење од 20 години.

„Доколку не постои овој Просторен план, нема законска обврска на Србија да го обесштети Рио Тинто“, рече Манојловиќ пред Владата на Србија.

Тој изјави дека Владата и Собранието имаат рок да ги реализираат своите барања до 20 јануари, а во спротивно ќе почнат да собираат 30.000 потписи за народна иницијатива.