Новите докази за аферата пуч во Црна Гора, зад која како што тврдат властите во Подгорица стојат руските разузнавачки служби, откриваат дека еден од руските државјани кои биле дел од организацијата, Едуард Широков, всушност е Едуард Шишмаков, припадник на воената служба за безбедност ГРУ, пишува денеска весникот Побједа.
Специјалниот обвинител на Црна Гора Миливоје Катиќ неодамна изјави дека Русија стои зад обидот за пуч направен на денот на изборите во Црна Гора на 16 октомври 2016 година. Обвинителството се сомнева дека 25 лица, пред се Срби и двајца Руси, Едуард Широков и Владимир Попов го подготвувале мистериозниот пуч.
Со објавувањето на информациите за рускиот воен офицер Шишмаков, припадник на озлогласената ГРУ што укажува на вмешаноста на Русија, Црна Гора стана ударна вест во светските медиуми, од агенциите Ројтерс, Асошиетед прес, британски Дејли телеграф, Скај њуз, до американскиот Њујорк тајмс и аналитичкиот магазин Политико.
Новинарот Бојан Панчевски, дописник на The Times од Брисел, кој го истражува овој случај, во поткастот на НОВА, вели дека дефинитивно има докази дека постои некаква завера која била водена од двајца руски државјани именувани како Едуард Широков и Владимир Попов.
– Двајцата биле во Србија, конкретно во Белград, и кога се откри аферата ноќта по изборите си заминале за Русија. Тоа едокажано, има копија од нивните пасоши…Што точно сакале да направат е малку потешко да се каже, бидејќи црногорската Влада ова го искористи за сопствена промоција и ми се чини дека малку ги надуваа тие обвиненија, не можам да оценам до која мерка, дека сакале да го убијат премиерот на тогашната Влада Мило Ѓукановиќ, што не ми изгледаше мене веројатно. Ама секако имаше докази дека тие двајца Руси стапиле во контакт со срспки и црногорски проруски националисти и организирале некаква завера да ги пореметат изборите, и да помогнат на проруската опозиција во Црна Гора. И за тоа постјат докази, вели новинарот Панчевски.
Ад хок посетата на шефот на руската безбедност на Белград
Она што за Панчевски е исто така значајно во случајот е ад хок посетата на шефот на Националниот совет за безбендост на Русија на Србија, неколку дена по инцидентот во Црна Гора,која не беше најавена во медиумите.
– Тој е шеф на безбедоста кој ги котролира сите разузнавачки служби и војската или може да се каже дека е највисок соработник на Путин за безбедност. И тој дојде во тридневна посета на Белград. И тоа е многу значен момент. Тој е човек кој се занимава со безбедноста на највисоко ниво за една таква голема земја како Русија, и три дена да одвои за посета за Србија за некаква си соработка, воена, техничка со таква малечка и релативно безначајна земја како Србија, тоа беше доста интересен потег, вели Панчевски, кому од српски извори му било кажано дека тој дошол таму за да ги „изглади“ односите со Србија, поради вознемиреноста на српскиот премер Вучиќ кога му биле доставени доказите од српската тајна служба дека централата за наводниот пуч била во Белград.
-Ден после тоа имаше една прес конференција на која се виде дека Вучиќ беше многу вознемирен, зборуваше неповрзано, беше гневен, викаше, се расправаше и неколку дена после тоа се појави шефот на руската безбедност, вели Панчевски.

Црногорскиот весник Побједа во денешниот текст објавува дека во откривањето на оваа „руска врска“ во обидот за пуч во Црна Гора, на црногорските истражители им помогнале најмоќните разузнавачки служби – британската и американската.
Четворица се осудени, петтиот е клучниот сведок
Според црногорскиот обвинител Катиќ пучистите сакале да влезат со сила во Парламентот и да прогласат победа на проруската опозиција Демократски фронт и да го фатат Мило Ѓукановиќ, па дури и да го убијат.
Според обвинителството единствен мотив на овие лица било да се спречи влезот на Црна Гора во НАТО.
Британски владини извори пак за The Telegraph велат дека ова е последен пример за “се поагресивната кампања” на руско мешање во западно-европските работи.

Кремљ остро ги демантираше овие наводи и било какво мешање на Русија во обидот за напад врз Ѓукановиќ. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги оцени за „неодговорни“ тврдењата на црногорскиот специјален јавен обвинител дека Москва е вмешана во „спречениот обид за пуч“.
Во ноември лани во Белград беше уапсен еден од организаторите на групата осомничени дека подготувала терористички напади во Црна Гора, Александар Синѓелиќ. Два дена подоцна „под специјални мерки на безбедност, со хеликоптер на црногорските државни органи“ бил донесен во Подгорица. Тој заедно со пензионираниот генерал, бившиот шеф на српската Жандармерија Братислав Дикиќ, се осомничени за обид за терористички напад во Црна Гора во текот на изборниот ден на 16 октомври.
Во соопштението од Обвинителството тогаш стоеше дека “постои основано сомнение дека на почетокот на октомври во Србија и Црна Гора е формирана криминална организација со цел да влијае на законодавната и извршната власт во Црна Гора. Постои сомневање дека планот на оваа организација е во текот на прогласувањето на изборните резултати со употреба на оружје, да ги нападнат граѓаните собрани пред Собранието на Црна Гора и службениците да полицијата и потоа да го завземат Собранието со намера да прогласат изборна победа на некои политички партии”.
Досега четворица Срби се изјасниле за виновни и осудени се учество во обидот за пуч. Петтиот е Синѓелиќ, кој се смета клучен сведок на овој случај.
Обвинителството во меѓувреме испитува и двајца припадници на црногорската опозиција, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, за кои постои сомнеж дека учествувале во пучот, што двајцата го негираат.




