Published: Friday, February 18, 2022 15:55
Денеска имаше нови гранатирања во источна Украина, додека украинската армија и проруските сепаратисти меѓусебно се обвинуваат за употреба на тешко оружје.
Обновувањето на насилството во источна Украина продолжува да ги подгрева стравувањата од руски напад врз Украина. Звук од гранатирање денеска се слушнал во местото Станица Лугањска, на истокот на Украина, под контрола на украинските безбедносни сили, наведува агенцијата „Франс прес“.
Во тој реон, кој делумно е без струја, вчера имаше размена на оган во која беа оштетени неколку куќи и една градинка.
Набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) изјавија дека насилството во источна Украина во регионот на Доњецк значително се зголемило со 189 прекршувања на примирјето во четвртокот. Во Луганск, област во рацете на проруските бунтовници, во средата имаше 129 прекршувања на примирјето.




