Во несреќата на малиот брод што носел стотина бегалци кон грчкиот остров Фармакониси, на 15 км од Турција, 28 лица го загубиле животот од кои 4 биле бебиња и 10 мали деца, известија грчките власти.
Биле спасени 68 лица а 29 други и успеале да испливаат до грчкиот остров во Егејското море.
Во оваа 2015 година 2.700 бегалци го загубиле животот во Медитеранот, велат податоците на Меѓународната организација за миграции.
Преку Медитеранот годинава поминале 430.000 луѓе од кои 310.000 минале низ Грција.
Германската канцеларка Ангела Меркел, чија што земја се соочува со огромен број бегалци, ја критикуваше Грција за начинот на кој оваа земја ја менаџира бегалската криза.
“Грција мора да го преземе својот дел од одговорноста во заштитата на границите”, рече Меркел велејќи дека земјата не го прави и додаде дека е потребен дијалог на оваа тема помеѓу Грција и Турција.
На ова Атина остро реагираше и рече дека критиката на Меркел е “неприфатлива”.
“Грција стриктно ги применува европските и меѓународните повелби и се грижи да биде хумана и солидарна”, изјави Василики Тану која ја извршува премиерската должност додека се подготвуваат предвремените избори.




