Новиот број на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“ ќе содржи карикатури на пророкот Мухамед, објави адвокатот на весникот Ришар Малка. На новиот број веќе работат преживеаните членови на редакцијата во Париз.
– Специјалното издание на весникот, што излегува во среда, ќе биде отпечатено на 16 јазици за читателите ширум светот, изјави колумнистот на „Шарли ебдо“ Патрик Пелу.
Претходно е соопштено дека новиот број на весникот ќе биде печатен во милион, наместо вообичаените 60.000 примероци, а ќе има осум, наместо досегашните 16 страници.
Адвокатот најави дека во новиот број пророкот Мухамед, покрај останатите, „очигледно повторно ќе се најде на мета на сатирата, за да покажеме дека редакцијата ниту милиметар нема да попушти пред екстремистите кои се обидуваат да ја замолчат“.
Минатата среда во напад врз редакцијата „Шарли ебдо“ беа убиени 12 новинари, вклучувајќи петмина најдобри карикатуристи и уште тројца членови на редакцијата, а напаѓачите браќата Саид и Шериф Куачи по нападот извикуваа дека „го одмаздиле пророкот Мухамед“.




