За половина час распродадено е најновото издание на сатиричниот неделник „Шарли Ебдо“ чиј редовен тираж е 60.000, но овојпат беше отпечатен во три милиони примероци.
– Беше неверојатно. Пред киоскот чекаа 60-70 луѓе. Никогаш не сме виделе вакво нешто, сите 450 примероци ги продадовме за 15 минути, вели една продавачка во киоск, пренесува АФП.
На насловната страница на овој примерок е нацртан пророкот Мухамед со солза во окото, кој држи натпис „И јас сум Шарли“, а над него пишува „Се е простено“.

Новиот број на „Шарли Ебдо“ е печатен и на англиски, шпански, италијански, арапски и турски јазик, а уредништвото утрово одлучило тиражот да го зголемат на пет милиони.
– Не можам ништо да ветам, се јавија буквално тони луѓе. Не знам колку примероци ќе добиеме и одлучивме да нема резервации, вели Мирјам Бриден, менаџер на книжарницата „Албертин“ во Њујорк.

Еден примерок преку ebay достигна цена до 100 долари.




