Новата методологија, според која ќе се мери колку брзо кај нас се шири коронавирусот, односно дали земјата е со висок, среден или низок епидемиолошки ризик, ќе биде разгледувана и, евентуално усвоена, на задутрешниот состанок на Комисијата 

Олабавувањето на рестриктивните мерки против ковид-19 се планира да се определува според американски рецепт, односно, новата формула за проценка на епидемиолошки ризик е по урнек на таа од Американскиот центар за контрола и превенција на болестите, CDC, велат од Комисијата за заштита од заразни болести за НоваТВ.

Новата методологија, според која ќе се мери колку брзо кај нас се шири коронавирусот, односно дали земјата е со висок, среден или низок епидемиолошки ризик, ќе биде разгледувана и, евентуално усвоена, на задутрешниот состанок на Комисијата за заштита на населението од заразни болести.

На состанокот се очекува членовите на комисијата да дадат „зелено светло„ за новата формула за проценка на епидемиолошки ризик.

 Предложено е да се воведе и дополнителна алатка што се користи во САД за да се процени брзината на ширење на вирусот, а која треба да се адаптира на нашите услови. Членовите на Комисијата треба да се произнесат за новата предлог методологија на следниот состанок, закажан за задутре. Некои од мерките се укинаа, ќе следиме како вирусот ќе се шири за да избегнеме пораст на бројот на хоспитализирани пациенти и на нови случаи, ни рече д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол и член на Комисијата за заштита на населението од заразни болести.         

Новата методологија за проценка и следење на епидемиолошкиот ризик, како што соопштија по состанокот во минатата среда, се базира на следните индикатори: број на новооткриени случаи во последните 7 дена на 100.000 население, број на хоспитализации во последните 7 дена на 100.000 население и процент на исполнетост на здравствени капацитети во последните 7 дена. 

Сали: Се надевам дека оваа седмица ќе влеземе во зелената, безбедна зона

Министерот за здравство, Беким Сали, денеска рече дека „состојбата не е толку позитивна, за да можеме да кажеме „од денес сме слободни“.

– На една страна се желбите, а на друга реалните бројки што секојдневно ги добиваме. Ја следиме состојбата не само во државата туку и во регионот. Имаме четири држави кои што ни се репер како први држави што се ослободија од мерките и денес таму забележуваме состојба на бумеранг – враќање на состојба како што беше порано. И ние тука не би сакале да се вратиме на тоа како што било порано, рече министерот Сали.

Тој додаде дека се надева дека оваа седмица земјава ќе влезе во зелената безбедна зона, бидејќи индикаторот за новозаболени и за хоспитализирани е позитивен. 

– Да видиме што ќе одлучиме на Комисијата в среда, во однос на некакво олеснување на мерките, додаде Сали.

(Љ.Б.)