Долниот дом на британскиот Парламент денеска третпат ќе изјасни за Договорот за Брегзит, што Владата во Лондон го постигна со ЕУ лани во ноември. Гласањето е само за делот кој се однесува на условите за излез на Британија, но не и за политичкиот дел.
Третото гласање синоќа го одобри претседавачот на Долниот дом, Џон Беркау иако досега одбиваше да го стави Договорот на ново изјаснување пред пратениците, со образложение дека Парламентот не може постојано да гласа за еден ист документ.
Според него, меѓутоа, овој пат станува збор за нов предлог, што значително се разликува од досегашниот.
Британската Влада вечра соопшти дека планира да предложи трето гласање за Договорот за Брегзит во текот на утрешниот ден, но дека чека одобрение од Беркау.
– Признаваме дека секој предлог што ќе биде ставен на гласање треба да биде во согласност со одлуката на спикерот, изјави шефицата на конзервативната пратеничка група во Парламентот, Андреа Лидсом, која по функција е и членка на Владата на Меј.
Таа нагласи дека единствен начин Велика Британија да биде сигурна дека ќе ја напушти ЕУ на 22 мај, е до денеска до 23 часот по локално време (полноќ по средноевропско време) Парламентот да го одобри Договорот за Брегзит.
Британските пратеници завчера вечер гласаа за осум различни опции за Брегзит, но ниту една не доби доволна поддршка во Парламентот, кој се обидува да најде алтернатива за Договорот кој премиерката Тереза Меј го постигна со ЕУ, а кој пратениците веќе двапати го отфрлија.
Меј минатата недела побара од лидерите на ЕУ одлагање на Брегзит до 30 јуни, кој првично беше предвиден за денеска. Но, шефовите на држави или влади на членките на Унијата одобрија одлагање на Брегзит најдоцна до 22 мај, под услов Парламентот во Лондон да го прифати Договорот за британското истапување од ЕУ.
Според одлуката на Европскиот совет, доколку Парламентот не го прифати документот, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата на 12 април без договор.
Рокот истекува денеска, ЕУ подготвена за сите опции
Рокот за излегување на Обединетото Кралство од Европска Унија истекува денеска, согласно договорениот календар помеѓу двете страни, но во отсуство на јасна позиција од британска страна, ЕУ се подготвува за Брегзит без договор, јави МИА од Брисел.
Амбасадорите на 27-те земји членки на вчерашниот состанок во Брисел разговараа за идната позиција на ЕУ во преговорите со Британците по 12 април токму во случај на Брегзит без договор. Земјите членки инсистирале дека е потребно да се биде „цврст“ кон Британците во иднина, посебно за прашањето за ирската граница, за правата на европските граѓани кои живеат во Велика Британија и за финансискиот долг на Лондон кон ЕУ.
Сите земји членки индивидуално интензивно се подготвуваат за Брегзит без договор, посебно откако во средата британските парламентарци ги отфрлија и сите други осум опции кои им беа понудени во обид да се надмине ќор-сокакот. Опциите вклучуваа отповикување на Брегзит, постојана царинска унија со ЕУ, Брегзит без договор или пак нов референдум.
Европската Комисија вчера одби да коментира што понатаму и кои варијанти би биле прифатливи или правно одржливи. Портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас изјави дека сега е потребно позитивно гласање за да се знае каде се движи процесот.
ЕУ сега чека да види дали ќе се одржи најавеното гласање денеска и за што точно ќе се гласа: дали само за договорот за напуштање без политичката декларација, или некоја друга варијанта, но британските медиуми објавија дека Меј и натаму нема поддршка од својот северноирски коалициски партнер, поради прашањето за ирската граница и така наречениот бекстоп, клаузула на која инсистира ЕУ поради потребата да се сочува интегритетот на европскиот внатрешен пазар. Северна Ирска стравува дека оваа клаузула ќе значи де факто останување во ЕУ за целиот остров и оддалечување од остатокот од Обединетото Кралство.
На вчерашниот амбасадорски состанок, земјите членки и ЕУ се согласиле дека дури и во случај на Брегзит без договор, европската страна нема да се откаже од условите за ирското прашање.




