Ново невреме во Лозово со силен град и дожд ги поплави селата Милино и Ѓуземелци. Поради наноси од кал не беше прооден и дел од патот меѓу овие села, а струјата неколку часа била во прекин. Ова е трето невреме последнава недела во областа помеѓу патот Велес и Штип.
Обилните дождови предизвикаа заматување на водата на ниво на цела општина Лозово, па таа сега не смее да се пие, а од општината ќе побараат цистерни со чиста вода за пиење. Досега се уништени лозови и овошни насади, пластеници, а штети има и кај јачменот и пченицата.
Од денеска граѓаните ќе може да пријавуваат штети до општината од невремето.
Претходно град со големина на тениско топче направи вистински пустош во Лозово. Уништени беа пластеници, жито, лозови и овошни насади, настрадале соларни панели, а пробиени се и неколку кровови на куќи.