Ноќеска изби голем пожар во комплексот на нуклеарната централа „Запорожје“ во градот Енергодар, откако, како што тврдат украинските власти, била гранатирана од руските сили. Русите, од друга страна, ги демантираат таквите наводи и тврдат дека станува збор за провокација и дека украинска диверзантска група запалила зграда во рамки на електраната.
Сето тоа предизвика голема загриженост, но експертите дека шансите за експлозија, нуклеарно топење или радиоактивно ослободување се мали.
Русија, за време на воените операции што во Украина ги започна на 24 февруари, веќе ја зазеде згаснатата електрана во Чернобил, на 100 километри северно од Киев. Некои аналитичари, сепак, забележаа дека електраната „Запорожје“ е од поинаков и побезбеден тип од Чернобил, кој беше епицентар на најголемата нуклеарна катастрофа во светот во 1986 година.
Украина на своја територија има пет нуклеарки, а, покрај Запорожје и Чернобил, тоа се Јужноукраинската електрана, Хмељницки и Ровно. Еве што се знае за нив
„Запорожје“
Нуклеарната електрана „Запорожје“ е изградена меѓу 1984 и 1995 година. Таа е најголема нуклеарка во Европа и деветта по големина во светот.
„Запорожје“ има шест реактори од кои секој произведува по 950 MW имаат вкупна сила од 5.700 MW што е доволно енергија за, отприлика, четири милиони домови.
Во нормални околности произведува една петина од украинската електрична енергија и, речиси, пола од енергијата што е произведена во нуклеарните постројки во земјата.
Чернобил
Оваа електрана е позната по големата нуклеарна несреќа на 26 мај во 1986 година. Се наоѓа во близина на градот Припјат.
Електраната се состои од четири реактори од типот RBMK-1000, секој реактор произведуваше 1 гигават електрична енергија, а сите четири заедно произведуваа околу 10 отсто од вкупната електрична енергија што се трошеше во Украина.
Првата експлозија на четвртиот реактор беше предизвикана од натамошни експлозии кои беа следени од ослободување на големи количини на радкиоактивен отпад во атмосферата.
Радиоактивни облаци ја прекрија, речиси, цела Европа. Од подрачјето беа евакуирани повеќе од 100.000 жители. Припјат денеска е напуштен град и се наоѓа во центар на забранетата зона. Нуклеарката е затворена на 15 декември во 2000 година. Изградбата на реакторот 1 започна во 1970 година. Почна со работа во 1977 година, за потоа да следуваат реакторот 2 (1978 година), реакторот 3 (1981 година) и реакторот 4 (1983 година). Уште два блока (5 и 6), во време на несреќата, беа во фаза на изградба.
Константиновка
Константиновка се наоѓа во близина на градот Јужноукраинска во покраината Миколаев, отприлика 350 километри јужно од Киев. Нуклеарката има три реактори со вода под притисок VVER-1000 и нето производствен капацитет од 2.850 мегавати. Моментно е втора по големина од петте во Украина.
Од нуклерната централа Јужна Украина, далекувод од 750 KV, води до Исакче во Романија, но вогласно е демонтиран или уништен.
Хмељницки
Нуклеарната централа Хмељницки е нуклеарка во градот Нетишин. Два реактора се наоѓаат во функција, а секој од нив произведува 1000 MW нето електрична енергија.
Изградбата на првиот реактор почна 1981 година, а првиот блок е пуштен во функција кон крајот на 1987 година. Изградбата на вториот реактор почна во 1983 година со план да заврши во 1991 година. Меѓутоа, во 1990 година изградбата е запрена како дел од Мораториумот за изградба на нови фабрики. Изградбата е завршена дури во август во 2004 година по укинување на Мораториумот.
Моментно се во изградба уште два реактора VVER-1000. Изградбата на третиот реактор почна во 1985 година, а четвртиот во јуни во 1986 година. Изградбата е запрена во 1990 година кога беа завршени 75 отсто, односно 28 отсто од работите. Во јуни во 2010 година Украина и Русија потпишаа меѓувладин договор за обновување на градежните работи.
Во септември во 2015 година, украинската влада реши да го раскине договорот со Русија за завршување на изградба на блоковите во Хмељницки.
Ровно
Нуклеарната електрана Ровно се наоѓа во Вараш. Има четири реактори. Блокот 3, по модернизацијата во 2018 година, добива лиценца за продолжување на работниот век за 20 години, односно до 2037 година.




