Франција ќе изгради најмалку шест нови нуклеарни реактори во наредните децении, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон, ставајќи ја нуклеарната енергија во средиште на програмата на земјата на патот кон јаглеродна неутралност до 2050 година.

Макрон истакна дека новите електрани ќе ги гради и со нив ќе управува државната компанија ЕДФ и дека десетици милијарди евра јавни средства ќе бидат мобилизирани во функција за финансирање на проектите и обезбедување на пари за ЕДФ, пренесува „Ројтерс“.

Она што ѝ треба на нашата земја, а услови постојат, секако е преродба на француската нуклеарна индустрија, рече Макрон, претставувајќи ја својата нова нуклеарна стратегија во индустрискиот град Белфор, на истокот на Франција.

Со ветување дека ќе го забрза и развојот на соларната енергија, како ветроелектрани на море во Франција, Макрон, исто така, најави дека сака да го продолжи животниот век на постарите нуклеарни електрани од сегашните 40 година на 50 или повеќе, секако, под услов да се безбедни.

Според проценките на ЕДФ, цената за шесте нови реактори ќе изнесува околу 50 милијарди евра, во зависност од условите за финансирање. Првиот нов реактор, т.н. развиен европски реактор под притисок (ЕПР) ќе биде пуштен во функција во 2035 година, нагласи Макрон и додаде дека ќе биде направена студија за уште осум реактори, покрај почетните шест нови нуклеарки.

Франција, исто така, ќе ги зголеми своите капацитети за соларна енергија за десет пати до 2050 година на повеќе од 100 гигавати и планира изградба на 50 морски ветроелектрани со заеднички капацитет од најмалку 40 гигавати.

„Ројтерс“ забележува дека одлуката на Макрон да го продолжи животниот век на постоечките нуклеарни електрани означува пресврт во односот на неговото претходно ветување дека ќе затвори повеќе од 10 од вкупно постоечките 56 реактори на ЕДФ до 2035 година.

На промената на мислењето на Макрон влијаеја и амбициозните цели на Европската Унија (ЕУ) за постигнување на нулта емисија на јаглерод-диоксид во рок од три децении, со фокус на енергијата, вклучувајќи ја и нуклеарната чие производство има помал или нулти процент на емисија на гасови со ефект на стаклена градина, отколку фосилните горива.

Прашањето за нулеарната безбедност ја подели Европа по јапонската катастрофа во Фукушима, при што Франција силно лобира за нуклеарната енергија да биде означена како одржлива во новите правила на Европската Комисија за финансирање на зелени енергетски проекти, наведува „Ројтерс“.