Доналд Трамп, 45-тиот избран претседател на САД, ветува дека ќе биде фер со сите еден ден по неговата победа која ги остави Американците горко поделени, а светот го фрли во несигурност.
Сега веќе поранешниот претседател Барак Обама и Хилари Клинтонт упатуваат повици за единство и почитување на изборот на граѓаните Трамп да е нивниот претседател откако Американците се разбудија во поделена земја и свет кој изгледа застрашувачки.
Во средата наутро Трамп го имаше својот прв победнички говор како претседател во еден хотел во Менхетн во којшто инсистираше дека тој ќе биде „фер со сите“.
„Сега е времето за секој Американец да ги залечи раните на поделбите. Време е да бидеме еден обединет народ. Му давам збор на секој граѓанин на оваа земја дека јас ќе бидам претседател на сите Американци“, рече тој.
Малку подоцна, со видливо мрачен лик, Обама се обрати од Белата куќа каде што ќе го сретне својот наследник во четврток. Оттаму го повика Трамп да ја задржи својата „новооткриена инклузивност од неговиот говор“.
„Тоа е она што и треба на оваа земја – чувство на единство; чувство на инклузија; почит кон институциите; кон нашиот начин на живот; владеењето на правото и почит едни кон други. Се надевам дека тој ќе го задржи овој дух за време на оваа транзиција и секако се надевам дека тој ќе биде начинот на којшто ќе започне неговото претседателство“, рече Обама.
Обама истакна дека очигледна е поделеноста помеѓу американскиот народ кога е во прашање новоизбраниот претседател. На повиците за единство му се придружи и Хилари Клинтон и ги повика Американците да ги почитуваат изборните резултати и да му дадат шанса на Трамп.
„Гледаме дека нашиот народ е длабоко поделен, повеќе отколку што мислевме. Но, јас се уште верувам во Америка, а ако верувате и вие, тогаш мора да ги прифатиме овие резултати, рече таа во поприлично емотивниот говор додавајќи „Му должиме отворен ум и шанса да не води“.
“




