Лидерите на двете најмоќни држави во светот, САД и Русија, Барак Обама и Владимир Путин, одржаа неформална средба на маргините на самитот на 20 економски најразвиени земји во светот што денеска и утре се одржува во Турција.
Според претставникот на Кремљ на Самитот СВетлана Лукаш, состанокот траел половина час, а советникот на Путин Јуриј Ушаков за руските новинари изјавил дека се разговарало на две теми- прво за Сирија, а потоа за Украина.
– Русија и САД во принцип имаат слични стратешки цели во однос на борбата против ИСИС, но се разликуваат по тактиката, изјавил Ушаков.
За Белата куќа, средбата била конструктивна и фокусирана на тековните напори за решавање на конфилктот во Сирија. Обама и Путин се согласиле дека политичката транзиција во земјата треба да ја спроведат домашните субјекти преку преговори за прекин на огнот, меѓу сириската опозиција и власта со посредство на ОН. Истиот извор навел дека Обама ја повторил поддршката за спроведување на договор од Минс во однос на Украина.
Обама и Путин разговарале само во присуство на советниците за национална безбедност, а на новинарите не им било дозволено присуство. Единствен сведок за средбата е видео материјалот што домаќинот го објавил на видео бимот, но без тон. Од видеото се гледа како двајцата лидери во текот на разговорот се доближуваат еден до друг, гестикулираат, но не се слуша разговорот.
Од Белата куќа се правдаат дека „понекогаш се случуваат и вакви средби“.




