Претседателот на САД, Барак Обама побара од Турција денеска да ги смири тензиите со Русија бидејќи тоа има негативен ефект во борбата против џихадистите на Исламската држава во Сирија.
Тој на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Париз, каде што и двајцата престојуваат во рамките на Меѓународниот климатски самит, рекол дека САД ја поддржува официјална Анкара дека има право да ја брани својата територија.
– САД го поддржува правото на Турција да ја штити својата територија и воздушниот простор, изјави Обама, надополнувајќи дека разговарале како Турција и Русија да ги смират тензиите и да најдат дипломатски речник за да го решат проблемот кој се јави откако Турција сруши руски воен авион.
Обама му укажал на Ердоган дека ИСИС е единствениот субјект кој во моментов треба да биде цел на здружените сили, а истото го рекол и пред претседателот на Русија.
– Сите ние имаме заеднички непријател во ИСИС, и сакам да останеме сигурни дека фокусот нема да биде тргнат од таа закана, рекол Обама.
Гледиштата на Русија и САД се разидуваат во поглед на претседателот на Сирија, Башар ал-Асад. Вашингтон и Анкара сакаат тој да замине од политичката сцена, додека тој пак ја ужива поддршката на Москва.
Медиумите пишуваат дека поради личните профили на Ердоган и Путин постои и тензијата меѓу двете земји, а односите меѓу Обама и Путин иако се тензични, се многу директни.




