Коментирајќи го денешниот трагичен настан во кој Турција собори руски воен авион, американскиот претседател Барак Обама смета дека “како и секоја друга земја има право да ја штити својата територија и воздушниот простор“.
Тој смета дека Турција и Русија мора да разговараат за да се најде решение и да прекине стравувањето од ескалација по инцидентот.
– Мислам дека денес дојде до израз постојаниот проблем со руските интервенции во Сирија…во смисла што нивните акции се одвиваат многу близу до границата со Турција а зафатена е и опозицијата на земјата, рече денеска Обама по разговорот со францускиот претседател Франсоа Оланд, кој беше фокусиран на тероризмот.
Обама смета дека доколку Русија се концентрира на милитантите на Даеш и на ИСИС, дека би немало ризик за понатамошна ескалација или нови грешки.
И Оланд коментираше дека мора да се превенира евентуална ескалација, која би била многу штетна.
– Она што се случи само укажува дека мораме да најдеме решение за кризата во Сирија, во спротивно ризикуваме ескалација, рече Оланд.
Загриженост денеска изрази и генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун кој вели неопходен е разговор помеѓу Турција и Русија.
Имено додека двете земји денеска тврдеа различни ставови, односно дали авионот летал над турскиот воздушен простор или над Сирија, рускиот претседател Владимир Путин рече дека се чувствува како Турција да им забодила нож.
– Нашата војска храбро се бори со тероризмот…но денешната трагедија е нож во грб, спроведено од соучесници на терористите. Не можам поинаку да го опишам ова. Нашиот авион беше соборен на територија на Сирија од страна на Турција. Тој падна на територија на Сирија, 4 километри од Турција, изјави Путин денеска предупредувајќи дека “ќе следат сериозни последици“.




