Претседателот на САД Доналд Трамп соопшти дека ги завршил разговорите со републиканците кои се противат на измените на законот за здравствена заштита, за кои денеска Претставничкиот дом ќе гласа, со или без обезбедено мнозинство.
Републиканците се поделени во два табори, од кои едниот сака што помалку промени во Обамакеар и крајното десно крило кое сака тој целосно да биде повлечен.
Трамп им порача на републиканците да го прифатат новиот предлог за здравствена заштита или ќе остане системот кој го воведе неговиот претходник Барак Обама, на што конзервативците остро се противеа.
Претседавачот со Претставничкиот дом Пол Рајан го закажа гласањето со образложение дека претседателот одлучил дека веќе нема време за разговори и дека ќе се оди на гласање кое се смета за досега најважното за Трамп и за Рајан како претседавач.
Вчера, неколку часа пред гласањето, лидерите на републиканците го одложија изјаснувањето поради закани од конзервативците и умерените републиканци дека ќе гласаат против измени на законот кој републиканците сакаат да го укинат откако е усвоен пред седум години.
Засега нема информации дали се собрани доволен број гласови за измените да „поминат“ или гласањето повторно ќе биде одложено. Доколку измените бидат отфрлени тоа ќе се смета за тежок удар врз мандатот на Трамп како претседател, како и врз способноста на републиканските лидери да ги наметнат своите теми во Конгресот.
За да се спречи усвојувањето, потребни се 23 гласови од републиканците да им се приклучат на демократските претставници. Според неофицијални информации, засега 26 републиканци се против.
Но дури и овој закон да помине во Претставничкиот дом, новите проблеми се во Сенатот, каде умерените републиканци исто така се закануваат дека нема да гласаат.
Предлог законот на републиканците предвидува укинување на казните за оние кои нема да купат здравствено осигурување и укинување на субвенциите за оние кои тоа ќе го направат, како и намалување на федералниот буџет за програмата Медикејд и препуштање на државите да одлучат под кои услови граѓаните ќе можат да добијат помош според оваа програма. Исто така би се укинале и некои одредби од досегашниот закон, поради кои некои премии нагло поскапеле.
Умерените републиканци се противат со образложение дека на ваков начин многу гласачи ќе останат без осигурување, а некои републикански гувернери мислат дека преголемото скратување на Медикејд ќе ги погоди најсиромашните. На новиот закон се противат и медицинските зруженија, болниците и потрошувачките организации.




