Американскиот претседател Доналд Трамп му се јавил на украинскиот претседател Володомир Зеленски за да контактира со јавниот обвинител Вилијам Бар за отворање на можна истрага за корупција за поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден.
Тоа се гледа од декласифицираниот транскрипт на телефонскиот разговор помеѓу Трамп и Зелески во јули, што го објави Белата куќа. Тој разговор е во центарот на обвинувањата дека претседателот на САД извршил притисок врз странски лидер со цел да го компромитира својот политички ривал, за што претседавачот со Претставничкиот дом, Ненси Пелоси вчера најави истрага за импичмент на Трамп.
За време на разговорот, Трамп му рекол на Зеленски дека треба да контактира со Бар и неговиот личен адвокат Руди Џулијани, се гледа од транскриптот кој пред неколку минути го објави Белата куќа.
– Има многу нешта да се кажат за синот на Бајден… дека Бајден барал прекин на истрага против него, а многу луѓе сакаат да знаат за тоа, вели Трамп во разговорот со Зеленски.
– Значи, што и да направиш со јавниот обвинител, ќе биде одлично, рекол американскиот лидер во објавениот транскрипт од разговорот.
Иако во транскриптот нема јасно барање „услуга за услуга“ (истрага за Хантер Бајден, во замена за помош), Трамп му кажува на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека САД биле „многу, многу добри“ кон Украина.
-Не би рекол дека тоа е реципроцитет, затоа што се случуваат работи што не се добри, но Соединетите држави беа многу, многу добри кон Украина, вели Трамп во разговорот.
Зеленски се согласува и му вели на Трамп дека САД се „многу поголем партнер“ на Украина отколку другите европски земји во врска со санкциите кон Русија, додавајќи дека тој планира да набави повеќе ракети јавелин од САД.
Трамп тогаш вели: „Јас би сакал да ни направиш услуга, затоа што нашата земја помина многу и Украина добро го знае тоа“.
Министерството за правда пак соопшти дека претседателот Трамп не побарал од јавниот обвинител (воендо и министер за правда) Вилијам Бар да контактира со Украина ниту за ва ниту за некое друго прашање.
-Претседателот не разговараше со јавниот обвинител за тоа дали Украина треба да истражи било што во врска со поранешниот потпретседател Бајден или неговиот син, се вели во соопштението.
Зеленски пак денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп не извршил притисок врз него за време на телефонскиот повик во јули, истакнувајќи дека неговиот шестгодишен син е единствената личност што може да го стори тоа.
– Никој не може да ми изврши притисок затоа што јас сум претседател на независна држава. Единствената личност што може да изврши притисок врз мене е мојот шестгодишен син, им рече Зеленски нa новинарите во ОН, пред состанокот со Трамп, запрашан дали американскиот претседател извршил притисок за време на телефонскиот разговор во јули.
Претставничкиот дом на САД вчера покрена формална истрага за тоа дали треба да се отповика претседателот Доналд Трамп поради барање странска помош за да му наштети на неговиот политички ривал Џо Бајден.
Истрага за импичмент на Трамп: Се спаси од руската, но му се заканува „украинска врска“
Тие го обвинуваат Трамп дека разговарал со Зеленски кон средината на летото, барајќи од него компромитирачки информации за Хантер Бајден, син на Џо Бајден, еден од кандидатите на демократите за изборите во 2020 година. Американските медиуми посочуваат дека Трамп му рекол на шефот на кабинетот да ја задржи воената помош за Украина во вредност од 400 милиони долари непосредно пред разговорот со Зеленски, иако Конгресот веќе одобрил тие средства да бидат доделени на Киев.




