Сириза победува со повеќе од осум поени предност пред Неа Деморкратиа, јавуваат агенциите цитирајќи ги последните анкето направени на излезот од гласачките места.
Разликата оди од 8,5 поени до 16,5 поени што покажува многу поголема разлика од она што се очекуваше пред изборите.
Партијата на Алексис Ципрас според овие бројки треба да освои од 35,5 до 39,5 отсто од гласовите додека за партијата на Антонис Самарас се предвидуваат 23 до 27 проценти.
Портпаролот на Сириза Панос Скурлетис изјави вечерва дека резулатот на овие избори “се чини дека е историска победа” за неговата партија и “важна порака за Европа”.
“Оваа порака не се однесува само на Грција туку таа одекнува низ цела Европа и со себе носи олеснување”, изјави Скурлетис по објавувањето на веста дека Сириза оди кон голема победа на овие избори.
Факт е дека цела Европа денес гледа кон Грција. Атина денеска беше место за средба на европската левица, од шпанската партија Подемос до францускиот Лев фронт. Сите леви лидери денес се обидуваат да застанат до Алексис Ципрас кој е нивниот шампион, но во Атина допатуваа и многу леви милитанти кои се собираат пред седиштето на Сириза пеејќи ја фамозната “Бела чао” и се обидуваат да се сликаат со знамето на Сириза.
Според агенција АФП на плоштадот Клафтмонос се собрани стотици луѓе со знамиња и со широки насмевки на лицата. Малку понатаму се крева сцена и се шепоти дека Ципрас би можел прво да помине пред седиштето на партијата и потоа да пешачи до сцената каде што се очекува неговиот говор.




