Пишува АНА ВАСИЛЕВСКА

Ана Василевска
Ана Василевска

Дали наспроти пополнувањето со малтер  на дупките меѓу пукнатините на циглите  во образовниот ѕид, некој ќе ја препознае вистинската архитектурата потребна за да изградиме цврсти темели за модерна надградба и за солидно образувани генерации, за која секако нема учебник?

Во второто полугодие, второодделенците ќе добијат учебници по математика и општество, најави министерот Јетон Шаќири. Оваа вест треба да ја дочекаме со радост и истовремено таа да ги покрие сите пропусти направени минатото полугодие. Со среќа, и да се надеваме дека нема да има измешани равенки и државни симболи.

Но, тоа што во новите учебници минатото полугодие беа детектирани грешки, како оној по географија каде што беа измешани соседите и страните на светот е само мала метафора за севкупната дезоирентираност на нашиот образовниот систем, особено кога станува збор за основците. И додека умните глави во ресорното министерство и во Бирото за развој на образованието, расправаат за повлекување, корекција итн., и смислуваат како да ја оправдаат непрофесионалнсота, повторно се дефокусираме од последиците од многугодишната ноншалантност во менаџирање на секторот образование.

Учениците во основното образование кај нас, како секогаш да се податен материјал на низа експерименти, спакувани во терминот реформи. А реформи секако се потребни, но темелни, сеопфатни-од едукација на наставен кадар до модерна методологија. Краткотрајниот мејкап што по секоја цена се менува со секоја промена на политичките гарнитури, осакати генерации кои ни се потребен ресурс што веќе треба да биде конкурентен на европскиот пазар. Поразителните бројки за функционалната писменост на основците се грда слика од која ги вртиме главите и воопшто не се смешни шегите дека за новите генерации Моцарт е обложувалница или чоколадо. Инаку, основното образование, заедно со макроекономијата, околината, инфраструктурата, здравјето е еден од 12 столба на конкурентност според кој се рангираат државите секоја година во извештајот на Светскиот економски форум.

Од Самерхил до Кембриџ, кај нас се менуваат само министерските фотелји

Единствениот континуитет во образовните реформи се промените на министрите со политичката делба на ресорите. Столчињата во министерските кабинети на Образование и Култура никогаш не се особено атрактивни за политичко влијание, па така се делат на начин кому иде. Низ годиниве има осцилации на реформите од оние агресивни празноглави милитантни памфлети и слогани на ВМРО-ДПМНЕ како „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ со кои се провлече т.н Кембриџ систем, до актуелните прогресивни но тешко применливи методи. Кембриџ реформата која чинеше близу 12 милиони евра, пропадна уште пред да почне, а единствено останаа партиски вработените наставници и нивните фејсбук профили со слики за поддршка на „лидерот“.

Актуелното пак инсистирање на интерактивна настава за која не се потребни учебници, по теркот на модерните методологии го кочи неподготвен кадар и некои конзервативни групи, повторно мотивирани и подбуцнати од чисто опозиционерска логика. Уште повеќе што овој партиски наставен кадар секогаш е лесна манипулативна алатка кога се потребни штрајкови.

Некако брзо заборавивме дека три години наназад, карантините и онлајн наставата, потоа ланскиот двомесечен штрајк на наставниците и актуелните отсуства заради заканите со бомби, дополнително ја влошија состојбата.

Од една страна напуштање на петкоманијата, и интерактивната настава која произлезе од реформите на Мила Царовска е позитивен чекор, но од друга страна пак никој не обрнува внимание на намалената кондиција и концентрација на учениците заради сите објективни состојби. Валоризацијата на трудот на учениците според постоечките критериуми за знаење не е можна. И кога сме кај критериумите, тие се секако во суштината на сите детектирани проблеми.

Конзервативното образование и оној модел на восприемање наставни содржини од учебници е напуштен во сите земји кои се на врвот на листата на квалитетното основно образование. Финска рутински го надминува рангирањето на глобалните системи на образование и е позната по тоа што нема никаков ограничувачки систем – сите ученици, без оглед на способноста, учат во исти одделенија. Како резултат на тоа, јазот помеѓу најсилните и најслабите ученици е најмал во светот. Исто така, финските училишта даваат малку домашни задачи и имаат само еден задолжителен тест на 16 години. Ова е најблиску до експериментот на големиот педагог Александар Нил и неговите „слободни деца од Самерхил“, можноста да се развие индивидуалната мисла на секое дете и да се негуваат неговите афинитети, наместо сезнајковци што не знаат ништо. Во овој контекст вреди да се спомене дека скандинавските земји во рамките на училиштата полагаат важност и на вештините на живеење, како оние за одгледување зеленчук, готвење итн.

Декларативни промени или мртви зборови на хартија

„Новите наставни програми се изработуваат врз основа на усвоените Национални стандарди за постигањата на учениците на крајот на основното образование и истите обезбедуваат целосната автономија на наставниците за прилагодување на наставата кон поединци и групи што ќе овозможи остварување на очекуваните резултати од секој ученик. Фактографското учење се заменува со учење со разбирање. Формативното оценување добива предност наспроти сумативното, што значи секојдневно ќе се следи и евидентира напредокот на учениците. Учениците уште од најрана возраст се воведуваат во граѓански вредности поврзани со родовата еднаквост, инклузивноста, мултикултурализмот, грижа за животната средина и слично. Тие ќе стекнуваат компетенции во неколку области кои современиот свет ги нотира како најважни.“

Ова е гордо истакнато на страницата на Бирото за образование и звучи навистина прогресивно и во контекст на модерните образовни модели. Но вистинската состојба е сосема поинаква. Декларативни реформи кои се само убаво спакувани зборови на хартија не се решение. Во сета сложеност на политичкиот систем, образованието и културата секогаш се сметаат за бенигни проблеми, и никој досега немаше слух за нивната круцијалната важност.

Дали наспроти пополнување со малтер на дупките меѓу циглите во образовниот ѕид, некој ќе ја препознае вистинската архитектурата потребна за да изградиме цврсти темели за модерна надградба и за солидно образувани генерации, за која секако нема учебник? Одговорот на ова прашање го нема на Гугл, но ако не се реагира, интернет пребарувачите ќе останат единствен инстант извор за брзи одговори на прашањата на децата, ако и тие знаат правилно да ги постават.