Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

…обувки за долгио пат…

0
By Ана Василевска on November 20, 2023 КУЛТУРА
Мето Јовановски
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Monday, November 20, 2023 14:02

ЈЕЛЕНА ЛУЖИНА

Првпат го видов пред половина век, како Јане Задрогаз, номинален протагонист во дебитантската, денес антологиска и тестаментарна пиеса на Горан Стефановски.

Нови Сад, Стериино позорје, бесконечен и френетичен аплауз, разгалени актери и актерки истопорени на рампата: достоинствената царица Тодорка Кондова (голема дама, секогаш и секаде!), корпулентно змејосаниот  Ацо Ѓорчев со неговите огромни приватни очила од кој-знае-колку диоптрии, тупавите царчиња опортунисти (метафора на секоја власт и „политика“), консеквентно збунетиот народ, машки и женски, облечен во нестварно сценичните костими на Ѓорѓи Здравев… Standing ovations, општата разгаленост трае во речиси бесконечна минутажа. Во еден миг, другар ми Далибор Форетиќ, театарски критичар  со остро око и поган јазик, вели: „Еј, гледај го него,  дури и сега агира поинаку од останатите…“

Му го проверувам името во програмката, на тој, поинаквиот: Мето Јовановски!

Три месеци подоцна, претставата се игра во Дубровник, во паркот Градац, на тогаш најпрестижниот летен фестивал во бившата ни држава. Не се сеќавам дали и, воопшто, како сценографската архитектоника на Владо Георгиевски функционираше во екстериерот на тој чудесен парк отворен кон морската шир и кон ѕвездите.  Не се сеќавам, дури, ниту на текот на изведбата. Го следев само Него, Јане Задрогаз алиас Мето Јовановски.  Кој пак агираше поинаку од сите останати…

Поинаков актер. Различен во секоја смисла, заколнат индивидуалист, неспоредлив со кој било друг! Посветен актер, професионалец дефиниран според највисоките стандарди. Неприлагодлив? Можеби. Темелен? Се разбира! Сигурен, одговорен и подготвен за секој вид задача? Секако,  ама само доколку тие со кои соработува навистина знаат што прават и кон што го насочуваат „колективниот труд“, колоквијално наречен „театарска претстава“. Или „игран филм“, сеедно.

Коментарот на ваквите „тешкокатегорни“ квалификативи попатно го насетувам во мемоарската книга „Разговори со УНКОвски“ на Зоја Бузалковска  (Скопје, 2018). Имено, на едно место, авторката го распрашува протагонистот Унковски за причините за релативно кратка/малечка соработка со актерот Мето Јовановски:  макар што работеле („за плата“) во истиот Драмски театар, заедно сработиле одвај четири претстави (од кои две, денес, имаат неспорен статус на антологиски, „Јане Задрогаз“ и „Диво месо“). Унковски го спомнува  „Хамлет“ од 1977 година, во кој протагонистот Мето Ј., во улогата на данскиот принц, имаше некакви проблеми со кажување монолози… Сега, од оваа безбедна дистанца од речиси половина век, претпоставувам дека тој „Хамлет“ и на двајцата им се погодил во невреме, макар што, две години подоцна, успеале корпоративно и супериорно да го сработат „Диво месо“ („…и мислам дека после тоа више ништо не сме работеле.“, Унковски, ибид. стр. 51). Water under the bridge, бездруго. Ама, контекстот  како да се насетува помеѓу редовите и  речиси поентира со онаа тривијална формулација за „неспогодба на карактерите“, популарна (меѓу другото) и во бракоразводните пресуди. Уметноста и животот умеат да се совпаднат дури и почесто отколку што се надеваме.

*

Со Мето Ј. ненадејно се здружив кон крајот на осумдесеттите години, приватно, по сплет на околности: сопругата му беше  Хрватка, актерката Лилјана Богоевиќ-Јовановска. Ја знаев уште од нејзините загрепски почетоци, со неа работев на Факултетот за драмски уметности,  ја гледав во Драмски (во „Кула Вавилонска“ на Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски, 1990 година; за таа улога ја доби и Стериината награда…).

Во еден миг, Мето Ј. реши самиот да ја постави „Вејка на ветрот“. И го собра актерскиот dream team: Бајруш Мјаку (Велко), Лилјана Богојевиќ-Јовановска (Магда), Александар Чамински (Џими), Валентина Божиновска (Мејбл). Доаѓав на проби, гледав со кое трпение и страст ги води актерите. За компетентноста да не зборуваме. Сигурен, упорен и неверојатно прецизен во индикациите, особено кога стануваше збор за долгите монолози (кои, нели, на сцената треба да се „престорат“ во дејство), Мето Ј. се покажа како супериорен режисер на една од најкомуникативните „Вејки“, воопшто. Претставата имаше и телевизиска адаптација, повеќе од успешна…

Ерго, стана логично да се посетуваме по дома и да зборуваме за сѐ и сешто, најмногу за театарот, се разбира. Во приватниот контекст, особено семеен и опуштен, актерите интуитивно го покажуваат своето „внатрешно битие“. Кај некои – да речеме, кај Петре Прличко – тоа „внатрешно битие“ речиси и не се двоеше од јавното; меѓутоа, кај интровертните типови/карактери, разликата веднаш се гледа. Кај Мето Ј. се гледаше речиси prima vista: вочетирите ѕида на својот дом,  не ги „играше“ ролјите/задачите на  сопруг и на татко, пред сѐ татко, туку ги живееше автентично и без задршка.  Отпосле, кога бракот не ги издржа премрежињата („неспогодба на карактерите“…), та Лиле со децата замина во Хрватска, таткото остана  не само „автентичен“ туку и повеќе од одговорен за ќерките…

*

Мето Јовановски не е само еден од најрелевантните македонски актери „на сите времиња“, еден од корифеите на она што колоквијално го нарекуваме „македонска глума“ (терминот е „прастар“, го „измислил“, уште во 1947 година, театрологот Милан Богдановиќ). Мето Јовановски е актер кој  клучно влијаел на развојот на истата таа „македонска глума“, на сето она кое современите теории на театарот сега го именуваат како „промена на перспективите“. Тие пусти „перспективи“ – промени/иновации кои во нашава мала средина тешко и бавно се менуваат – Мето Ј. ги менуваше интуитивно, со неподнослива леснотија. Зошто? Затоа што животот – не само професионален, туку и оној „најобичен“ – постојано го живееше во движење и во љубопитство без граници, работејќи секогаш и секаде, на разни јазици и во разни средини.  Секогаш отворен и без задршка. Чесен.

Неговата театрографија и филмографијата, да не го скокнеме ни списокот на неговите недобројни награди,  сигурно се подолги и пошироки колку и најдолгата/најшироката македонска река. Чинам, Вардар. Белки ќе се најде некој (јунак!) што таа фактографија, ниту малку административна,  најпосле ќе ја состави и ќе ја собере на едно место. За да видиме со кого имавме чест да се дружиме…

*

Да,  тие  обувки за долгио пат,  впишани во насловот на ова мое збогување со Мето Ј.,  ги препишав од завршниот монолог на Јане Задрогаз. Десеттата слика од драмата на Горан Стефановски. Интегралната реченица гласи:

Рано купете си обувки за долгио пат, за танецо што сте го ветиле да го завршите.

Ветил, завршил.

Завеса.

Страшна професија, чудесна, ама страшна…

Извор: Независен.мк

Мето Јовановски
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Од долгите редици во Белград до високата излезност: ЦИВИЛ МЕДИА со теренски извештаи, видеа и анализи за изборите во Србија

October 25, 2026

Погледнете ги барем само студентите од Србија

October 24, 2026

Од летечки бомби до интелигентни машини: Смртоносната еволуција на дроновите

October 24, 2026

Србија пред избори: Неизвесна трка, високи тензии, инциденти, анкети со различни резултати

October 24, 2026

Изборен молк во Србија: Тензична атмосфера пред гласањето в недела

October 23, 2026
shortcut
ФОКУС
September 30, 2026Updated:September 30, 2026

Мицкоски пред средбата со Фон дер Лајен: Подготвени сме за разговор и решение, обврските ги наследивме од претходната власт

ПОЛИТИКА September 30, 2026

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе престојува во…

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

August 29, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026
ТИКЕР

Од долгите редици во Белград до високата излезност: ЦИВИЛ МЕДИА со теренски извештаи, видеа и анализи за изборите во Србија

October 25, 2026

Погледнете ги барем само студентите од Србија

October 24, 2026

Од летечки бомби до интелигентни машини: Смртоносната еволуција на дроновите

October 24, 2026

Србија пред избори: Неизвесна трка, високи тензии, инциденти, анкети со различни резултати

October 24, 2026

Изборен молк во Србија: Тензична атмосфера пред гласањето в недела

October 23, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.